Лимани: Граѓанските организации - даватели на социјални услуги се наш партнер во обезбедувањето на благосостојба на граѓаните
- На средбата, како што соопштија од Министерството, се разговарало за заедничките заложби и цели на кои работат двете страни, а тоа е обезбедување на благосостојба на граѓаните, корисници на услугите.
Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска се сретна со претставници на неколку граѓански организации - даватели на социјални услуги.
На средбата, како што соопштија од Министерството, се разговарало за заедничките заложби и цели на кои работат двете страни, а тоа е обезбедување на благосостојба на граѓаните, корисници на услугите.
Соговорниците разговарале за резултатите на социјалната реформа, со акцент на деинституционализацијата и социјалните услуги, кои претставуваат одличен пример во регионот за тоа како системот на социјална заштита е во корист на корисниците на услуги.
-Од страна на Министерството, беше посочено дека со почетокот на 2025 година предвидена е ревизија на Законот за социјална заштита, уредување на подзаконските акти и мониторинг евалуација на социјалните услуги. Како и дека, наскоро ќе биде објавен и нов јавен повик за изразување интерес на општините за воспоставување и проширување на социјалните услуги и зголемување на бројот на корисници, се наведува во соопштението.
Соговорниците, како што се наведува во соопштението, се согласиле во заедничките цели - јакнење на системот на социјална заштита, а тоа најдобро се прави преку зајакнување на социјалните услуги преку кои корисниците се подготвуваат за живеење со поддршка и нивно вклучување на пазарот на труд, како активни чинители во општеството. дма/нд/
Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади