• петок, 22 ноември 2024

Лидер на руска партија предложи Калининград да се преименува во Владибалтиск

Лидер на руска партија предложи Калининград да се преименува во Владибалтиск
Москва, 5 јули 2022 (МИА) - Лидерот на руската политичка партија Праведна Русија - За вистината, Сергеј Миронов предложи Калининград да се преименува во Владибалтиск. - Можеби дојде време да се размисли за преименување на Калининград согласно со современата реалност и домашната традиција. На пример, Владибалтиск и соодветно, Балтичка територија, истакна Миронов, јавија руски медиуми. Владибалтиск е комбинација од името на рускиот претседател, Владимир Путин, со тоа на градот што требало да го има по 1946 година. Според Миронов, стратешки, регионот е многу важен за Русија. - Од ова име веднаш станува јасно дека се работи за истурена станица на најзападната граница на нашата татковина, што се простира од Тихиот Океан до Балтикот. Но, се разбира, за тоа треба да одлучат жителите на регионот, додаде тој. Калининград е седиште на руската Балтичка флота и генерално се работи за високо милитаризирана зона каде, со десетици илјади војници и морнари од Балтичката флота, се наоѓаат и балистичките ракети Искандер, што може да носат нуклеарни боеви глави. Калининград падна под руска власт по победата над нацистичка Германија на крајот од Втората светска војна. Претходно, историскиот германски град се викаше Кенигсберг и имаше мнозинство германско население. Во 1946 година, градот требало да биде преименуван во Балтик, но, на крај го добил името Калининград во чест на истакнатиот болшевички и советски лик, Михаил Калининград. бд/

Остани поврзан