Лидерот на Гренланд ќе се сретне со данскиот крал по изјавите на Трамп за преземање на островот
- Премиерот на Гренланд Муте Егеде денеска ќе оствари средба со кралот на Данска, Фредерик, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака САД да го контролираат Гренланд.
Нук, 8 јануари 2025 (МИА) - Премиерот на Гренланд Муте Егеде денеска ќе оствари средба со кралот на Данска, Фредерик, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака САД да го контролираат Гренланд.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, вчера изјави дека не може да ја исклучи можноста за прибегнување кон воена или економска акција против Данска за да го направи Гренланд дел од САД. Истиот ден, неговиот најстар син, Доналд Трамп Џуниор, беше во приватна посета на островот богат со минерали.
Егеде, кој синоќа пристигна во Копенхаген, пред неговото патување најави дека средбата со данскиот крал Фредерик, планирана за денеска, е одложена. Денеска, сепак, данскиот кралски двор соопшти дека средбата ќе се одржи, без да даде повеќе детали.
Гренланд, со население од 57.000, е дел од Данска веќе 600 години и моментално во голема мера ги контролира своите внатрешни работи како полусуверена територија во рамките на данското кралство. Нејзините односи со Данска неодамна беа затегнати поради наводите за лошиот третман на Гренланѓаните за време на колонијалното владеење.
По забелешките на Трамп, Егеде рече дека островот не е на продажба, а во својот новогодишен говор ја нагласи желбата за независност од Данска.
Данска, исто така, тврди дека територијата не е на продажба и дека за нејзината судбина може да одлучуваат само Гренланѓаните.
Во 2019 година Трамп ја откажа планираната посета на Данска откако премиерот Мете Фредериксен ја отфрли неговата идеја САД да го купат Гренланд. ссм/
фото: архива