• сабота, 18 април 2026

Либанската армија го обвинува Израел за кршење на примирјето

Либанската армија го обвинува Израел за кршење на примирјето

Бејрут, 17 април 2026 (МИА) - Либанската армија соопшти рано утрово дека Израел постојано го кршел примирјето, што официјално стапи во сила на полноќ, обвинувајќи ја израелската војска за гранатирање на неколку села на југот од земјата.

Армијата повторно ги повика жителите засега да не се враќаат во селата и градовите во јужен Либан. Израелската војска првично не даде коментар.

По неколку недели борби меѓу Израел и либанската милиција Хезболах, американскиот претседател Доналд Трамп го објави примирјето, кое првично треба да трае 10 дена.

Либански безбедносни извори изјавија дека артилериски гранати паднале во близина на крајбрежниот град Тир кратко по стапувањето на примирјето во сила. Беспилотно летало исто така погодило автомобил во Харис во јужен Либан, велат изворите.

Милицијата Хезболах, поддржана од Иран, лансирала многубројни ракети кон локации во северен Израел кратко пред стапувањето на примирјето во сила. Три лица се повредени од шрапнели од ракети, според службите за итни интервенции.

Израелската војска соопшти дека потоа ги погодила ракетните лансери на милицијата.

Прекинот на огнот беше договорен со либанската влада, која нема власт над Хезболах. мс/

фото: Архива

Остани поврзан