• четврток, 21 ноември 2024

Лех Валенса со емотивна видео порака пред да замине на операција

Лех Валенса со емотивна видео порака пред да замине на операција
Варшава, 14 март 2021 (МИА) - Полскиот симбол на слободата Лех Валенса објави денеска емотивна видео порака на социјалните мрежи пред да влезе во болничката сала на операција. - Се јавувам од болницата. Што следува, само времето ќе покаже, истакна 77-годишниот добитник на Нобелова награда за мир и поранешен полски претседател во видео пораката објавена на Фејсбук. - Без да знам кога повторно ќе се сретнеме и дали тоа воопшто ќе се случи, би сакал да кажам дека направив сè за да и служам добро на нацијата. До следниот пат, ако судбината ми дозволи да останам малку подолго на оваа Земја. Ако не, молете се за мене, рече Валенса. Поранешниот лидер на работничкото движење „Солидарност“, кое по мирен пат стави крај на комунизмот во Полска во 1989 година, не изнесе никакви детали. Неговиот секретар, Марек Качмар изјави дека Валенса е во болница „поради планираната замена на батеријата на пејсмејкерот“, но има компликации. - Се покажа дека некој дел од жицата која влегува во срцето веројатно е скршен, додаде Качмар. Операцијата е закажана за утре, освен ако денешните тестови не покажат дека ќе биде потребна итна интервенција. Качмар истакна дека сите се надеваат на најдоброто, но треба да се има предвид дека сè може да се случи. Како електротехничар во бродоградилиштето во балтичкиот пристаништен град Гдањск, Валенса организираше штрајк во 1980 година, во кој учествуваа 17.000 работници од бродоградилиштето. Комунистичкиот режим беше принуден да го признае „Солидарност“ како прв и единствен независен синдикат во советскиот блок, откако доби милиони следбеници во Полска. Во 1983 година Валенса ја доби Нобеловата награда за мир за лидерството во движењето Солидарност. Подоцна во 1990 година тој стана првиот демократски избран претседател на Полска. гт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан