• вторник, 18 март 2025

Лекарска комора: Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да е врвен приоритет

Лекарска комора: Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да е врвен приоритет

Скопје, 18 март 2025 (МИА) - Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да е врвен приоритет, апелираат попладнево од Лекарската комора на Република Северна Македонија, преку соопштение до јавноста.

- Лекарската комора ја поздравува навремената реакција на надлежните институции во нашата земја, како и срдечната помош и поддршка што ја даваат другите држави со згрижување на најтешко болните пациенти повредени во пожарот во Кочани. Овој начин на организација е клучeн зa пациентите да добијат вистинска шанса, со соодветна и високо стручна медицинска помош, да ја надминат тешката здравствена состојба во која се наоѓаат. Поддршката што ја добиваме од другите држави, како со згрижување на пациентите, така и со лекарска експертиза, заедно со посветената работа на нашите доктори, е, најважна во овие моменти за да се спречи да расте бројката на трагично загинати, наведуваат во соопштението.

Лекарската комора апелира и да се почитуваат медицинските протоколи за лекување и заштита на ваков тип пациенти, кои предвидуваат изолација и забрана за посети.

- Мора да се има предвид дека овие болни имаат мултисистемско засегање на организмот и зголемен ризик од инфекции. Секој дополнителен контакт со надворешни лица, директно и сериозно, може да го загрози нивното здравје. Присуството на цивилни лица кај овие болни, исто така, може да предизвика и непотребен стрес и вознемиреност, како и да го попречи работењето на медицинскиот персонал, истакнуваат од Комората.

Оттаму ги повикуваат сите институции, политичари, медиуми, граѓани и здравствени работници, да ги почитуваат медицинските протоколи, а здравјето на повредените да го сметаат за највисок приоритет.

- Веруваме дека со таков однос, ќе се постигне поголема доверба кај јавноста, отколку со непотребни директни посети на болните, потенцираат од Комората. бд/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан