Левица предлага платено породилно отсуство, но власта одбива и ги дискриминира жените земјоделки
- Законот за здравственото осигурување со кое се предложија соодветни измени за да им се овозможи платено породилно отсуство на жените земјоделки. Од тогашната влада на СДСМ и ДУИ предлогот на Левица доби негативно мислење, а Законот ја помина само првата собраниска фаза по што беше и остана блокиран на комисијата со која раководеше ДУИ.
Скопје, 19 јули 2025
Антифашистичкиот фронт на жените - Левица (АФЖ - Левица) најостро реагира на срамниот, деградирачки и нецивилизациски третман на Власта кон жените земјоделки во Република Македонија, кои и понатаму се исклучени од законското право на породилно отсуство и боледување.
Потсетуваме дека во април 2023 година, пратениците од Левица имаа поднесено Предлог-закон за измена и дополнување на
Законот за здравственото осигурување со кое се предложија соодветни измени за да им се овозможи платено породилно отсуство на жените земјоделки. Од тогашната влада на СДСМ и ДУИ предлогот на Левица доби негативно мислење, а Законот ја помина само првата собраниска фаза по што беше и остана блокиран на комисијата со која раководеше ДУИ.
Жената - земјоделка е сведена на молителка, принудена е да аплицира за надоместок за породилно отсуство преку иста програма преку која се аплицира за субвенции за трактор и за крава.
Во 2023 година, од 4 поднесени барања за породилно отсуство, само едно било одобрено, со исплата од 100.000 денари за сите 9 месеци бременост. Во 2024 - уште полошо: само едно одобрено од 6 барања, со мизерни 81.000 денари. Нејасно е како државата може да „штеди“ токму на ова - на еден од најосновните облици на социјална поддршка, што во секое цивилизирано општество претставува гарантирано право. Наместо да обезбеди достоинствени услови за трудниците и мајките, институциите испраќаат понижувачка порака: дека нивниот труд, здравје и живот не се приоритет.
Го поздравуваме чекорот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Хелсиншкиот комитет, кои поведоа тужба против Владата и Министерството за здравство, поради очигледна системска дискриминација врз жените земјоделки. Правото на мајчинство не смее да биде луксуз, ниту програма, туку законски загарантирано право!
АФЖ - Левица остро ги осудува молкот и неактивноста на Министерството за здравство, кое упорно одбива да предложи измени на Законот за здравствено осигурување и покрај јасните препораки од релевантните институции.
Бараме Владата на својата приоритетна листа веднаш да стави реално потребни мерки и тоа:
1. Итна измена на Законот за здравствено осигурување со која жените - земјоделки ќе добијат еднаков пристап до породилно и боледување.
2. Признавање на жената - земјоделка како рамноправна работничка и граѓанин на оваа држава, а не статистичка категорија за поткуп пред избори.
3. Јавна одговорност од институциите кои со години толерираат дискриминација врз основа на пол, личен статус и припадност на маргинализирана група.
Земјата што сака мајки, не смее да ги третира како апликантки за трактори и крави!
Жената од село или жената - земјоделка не е „помалку жена“, „помалку мајка“ или „помалку граѓанин“, туку таа стои на фронтот на егзистенцијата и грижата за земјата, таа е стожер на семејството и производител на храна!
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица
____________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки