• четврток, 04 декември 2025

Левица оствари средба со новата амбасадорка на НР Кина - двете држави имаат широк спектар за соработка

Левица оствари средба со новата амбасадорка на НР Кина -  двете држави имаат широк спектар за соработка

26 ноември 2025 

Денес, во т.н. Струшка соба во Собранието, пратениците од Левица - претседателот проф. д-р Димитар Апасиев, потпретседателот м-р Реџеп Исмаил и портпаролот Амар Мециновиќ, остварија срдечна и конструктивна средба со новата амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, Н.Е. Џијанг Сјаојан, се наведува во соопштението од Левица, кое МИА го пренесува интегрално.

На средбата, која се одвиваше во пријателска атмосфера што ја негуваме веќе подолг период помеѓу двете држави и сестринските партии, се разговараше за досегашната богата соработка и за нови можности за нејзино продлабочување.

Во рамки на разговорот беше отворено и прашањето за неодамнешниот инцидент во Собранието, кога пратениците Антонијо Милошоски, Фатмир Бетиќи и Рашела Мизрахи се сретнаа со т.н. делегација на Тајван. Ваквите постапки, кои се спротивни на политиката „Една Кина“ како принцип кој го почитуваат речиси сите држави во светот - претставуваат директен удар врз националните интереси и традиционално добрите односи со пријателската Народна Република Кина. Изразивме јасен став дека вакво однесување е контрапродуктивно, треба да биде осудено и никогаш повеќе да не се повтори.
Република Македонија и Народна Република Кина имаат многу можности и домени за соработка како што се технологијата, производството, туризмот, културната размена и многу други сфери од заемен интерес.

Дополнително, беше разговарано и за унапредување на партиската соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, сѐ со цел подобрување на животот на народите во Република Македонија и Народна Република Кина, што би придонело и до зајакнување на дипломатската, пријателската атмосфера и соработка во светот.

 

ПП Левица

Остани поврзан