• четврток, 26 септември 2024

Левица обвинува за несоодветен раководен кадар на КПД Прилеп, од ЗНАМ велат нивните кадри се чесни и стручни луѓе

Левица обвинува за несоодветен раководен кадар на КПД Прилеп, од ЗНАМ велат нивните кадри се чесни и стручни луѓе

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Портпаролот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Никола Мемов денеска во реакција на обвинувањата на „Левица“ за директорот на КПД Прилеп Емил Јанески, вели дека предложените кадри од ЗНАМ за носители на јавни функции се чесни и стручни луѓе кои ги исполнуваат сите законски норми и критериуми за извршување на функциите.

„Левица“ вчера обвини дека Јанески во 2008 година бил аболициран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски и дека во 2020 година СВР Битола поднела кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и предизвикување штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари додека бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ - Прилеп.

- ЗНАМ го карактеризираа како човек без дамка во минатото, кој токму како началник во 2007 година насилнички демолираше локал и за овој чин насилникот-повтореник беше осуден, за после година дена, покрај негативното мислење од Министерството за правда, тој да биде аболициран од страна на Бранко Црвенковски. Левица повторно јавно ја повикува Владата на ДПМНЕ, да не дели директорски функции на кадрите од СДС којашто сама ги нарекуваше криминални - да ги достави документите за нивното криминално работење до Обвинителството и овозможи фер и транспарентна постапка да се докаже дали и за колку е оштетен народниот буџет. Јасно е дека криминалците на СДС ги наполнија редовите на ЗНАМ, да преку нивното учество во Владата бидат и ослободени од понатамошно процесирање на нивното сомнително минато, се посочува во обвинувањето на Левица објавено на Фејсбук.

-Спомнувањето на имињата на претседателите Киро Глигоров и Бранко Црвенковски во негативен контекст на македонската историја е во најмала рака непримерно. Имено, тие се политичари кои воспоставија политички вредносни критериуми во Македонија и без нивната улога Македонија денеска ќе беше Јужна Бановина во склоп на некоја друга држава. Точно е дека тие беа дел од некогашната државотворна СДСМ, која денеска е заробена партија и претворена во семејна партија на Зоран Заев. За разлика од државотворните политичари, кон кои ЗНАМ има исклучителна почит, новопечените политичари од Левица на народот не му нудат ништо, освен сувопарни идеолошки фрази цитирани од старите учебници по марксизам. Ако мислат дека тоа е идеологија, длабоко се излажале, нагласи денеска Мемов.

Тој ги повикува членовите од „Левица“ доколку имаат индиции дека новоименуваниот директор на КПД Прилеп не ги исполнува условите за функцијата, да поведат постапка пред надлежните институции во државата, а доколку продолжат со, како што вели, непристојниот вокабулар, ќе следат постапки за клевета пред надлежните судови. 

- Господинот Јанески, ја извршуваше функцијата директор на ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп во периодот 2017-2021 со исклучително добри резултати, за што говорат позитивните извештаи од ревизијата на финансиското работење на претпријатието. Доколку Левица продолжи со непристојниот вокабулар, нарекувајќи ги членовите на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија како „криминалци", ќе следат соодветни постапки за клевета пред надлежните судови во Македонија. Наша препорака до Левица е да си го преиспитаат политичкото делување, од една страна ја критикуваат владината коалиција, што е во ред, но од друга страна продолжува нивната соработка на локално ниво со истата коалиција и нивното учество во управните одбори на сите локални јавни претпријатија и да ги уживаат бенефициите од локалната власт, нагласи Мемов. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан