• петок, 05 декември 2025

Левица: Владата по партиски клуч ги „решава“ приватните специјализанти - непартиските кадри останаа извисени

Левица: Владата по партиски клуч ги „решава“ приватните специјализанти - непартиските кадри останаа извисени

Скопје, 25 мај 2025

Помпезните најави на власта дека конечно ќе се реши статусот на приватните специјализанти очигледно се претвори во уште едно партиско калкулирање, според информациите кои пристигнаа до Левица. Наместо специјализанти кои се во петта година, се примаат специјализанти од втора и трета година, само поради нивните партиски заслуги. 

Таков е случајот со вереницата на претседателот на УМС и пратеник од ДПМНЕ, Сергеј Попов, која е примена на Клиниката за гинекологија пред специјализанти кои се во завршната година. До Левица пристигнаа бројни поплаки од специјализанти во завршна година кои се одбиени, само поради тоа што немаат партиски заслуги кон актуелната елита на власт. 

Недозволиво е во здравството партиската припадност да биде приоритет пред компетентноста! Ова ли е револуционерното решение, со кое се фали Владата, дека прв пат во историјата на државата ќе се вработат неколку стотини доктори кои веќе се на специјализација?! Дали се почитува мерит-системот и ранг листите или повторно конкурсите за вработување се само форма за вработување на "партиските" деца, додека останатите ќе бидат приморани да се иселуваат во странство или да се вработуваат по приватните болници? Дали јавното здравство е привилегија само за децата на владини функционери и моќници кои ја контролираат власта?!

Една од главните заложби на Левица е укинување на дискреционото право на директорите при вработување, затоа што очигледно е дека младите и квалитетни кадри во вака поставениот систем не можат да им конкурираат на привилегираните деца, не поради квалитетот во знаењето и вештините - туку поради недостатокот на врски, партиски книшки и моќни роднини.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Веб-страница на партијата

Остани поврзан