• четврток, 21 ноември 2024

Левица бара итно декласифицирање на Договорот со „Бехтел и Енка“

Левица бара итно декласифицирање на Договорот со „Бехтел и Енка“

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Левица бара Владата да го одржи ветувањето и веднаш да го  декласифицира договорот и сите услови од него да бидат јавно објавени. Само со целосна транспарентност, сметаат од паријата, може да се спречат потенцијални злоупотреби и штетни договори кои ќе ја чинат државата милионски суми.

-Министерот за транспорт Александар Николоски на 26 јуни 2024 упати ветување до јавноста дека ќе го декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“. По само две недели изјави дека тоа нема да се случи. Како политичка партија која се залага за транспарентност и одговорно управување со државните ресурси, Левица изразува длабока загриженост поради Договорот со „Бехтел и Енка“ кој е финансиран со пари на граѓаните, а останува класифициран како државна тајна. Оваа влада, со своето прикривање на клучни информации од јавноста, покажува дека се обидува да спроведе проект кој потенцијално може да има огромни негативни последици по државниот буџет и економската стабилност на Република Македонија, соопштија денеска од Левица.

Оттаму го прашуваат министерот Николоски „зошто продолжува да спроведува таен договор со приватен субјект, кој е финансиран со народни пари и што е толку скандалозно и шокантно во договорот меѓу државата и приватна градежна компанија/“.

- За што се досега издвоени 240 милиони евра народни пари? Какви други натамошни обврски презела државата кон приватниот субјект за кој граѓаните не треба да знаат?  Дали прифаќањето на одредби кои можеби содржат криминални компоненти, нема да бидат кривично гонети? И на крајот, дали власта во држењето на овој договор во тајност штити од кривичен прогон одредени личности од минатата владејачка гарнитура, воедно и создава терен и за слични вакви идни постапки?, прашуваат од Левица. 

Од партијата бараат министерот Николоски да го одржи ветувањето, односно веднаш да се декласифицира договорот и сите услови од договорот да бидат јавно објавени.

- Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага во врска со овој договор, како што беше ветено од министерот Николоски. Владата мора да е свесна дека одговорноста за држење на овој договор како таен, сега е нејзина. Остануваме на страната на граѓаните и нема да дозволи државните интереси да бидат жртвувани поради нечиј личен или политички профит. Ќе се бориме за целосно разоткривање на сите детали од овој договор и ќе направиме сè што е во наша моќ за да спречиме штетни проекти кои можат да имаат катастрофални последици за нашата земја, се вели во соопштението од Левица.

Според партијата, време е власта да покаже дека нема што да крие и да го објави Договорот со „Бехтел и Енка, бидејќи, како што велат, граѓаните заслужуваат одговори, а не прикривање и молк, затоа што на крајот, тие ја плаќаат цената. сст/лв/

фото Левица

Остани поврзан