• недела, 22 декември 2024

Левандовски играч на годината во изборот на ФИФА

Левандовски играч на годината во изборот на ФИФА
Цирих, 17 декември 2020 (МИА) – Полскиот напаѓач на европскиот првак Баерн Минхен, Роберт Левандовски, е прогласен вечерва за најдобар фудбалер во светот во 2020 година, во изборот на ФИФА. Левандовски го освои признанието „The Best“ на виртуелна свечена церемонија во седиштето на ФИФА во Цирих, во конкуренција на напаѓачот на Јувентус, Португалецот Кристијано Роналдо, и аргентинскиот капитен на Барселона, Лионел Меси. Германскиот стратег на клупата на Ливерпул, Јирген Клоп, ја освои наградата „Тренер на годината“, станувајќи првиот, кој признанието го освоил по вторпат, откако беше прогласен за најдобар и минатата година Наградата за најдобар тренер во женска конкуренција ја освои селекторот на Холандија, Сарина Вигман. Сонародникот на Клоп, Мануел Нојер од Баерн Минхен, е прогласен за најдобар голман во 2020 година, додека наградата „Ференц Пушкаш“ за најубав гол во годината што изминува ја освои јужнокорејскиот напаѓач на премиерлигашот Тотенхем, Хјон-Мин Сон, за погодокот на мечот од ланската сезона против Барнли. Тинејџерот на италијанскиот нисколигаш Оспедалети, Матија Агнезе, кој спаси живот на противнички играч, откако фудбалерот падна во бессознание на теренот при еден воздушен дуел, ја доби наградата за ферплеј на ФИФА. Наградата за „Навивач на годината“ ја освои Меривалдо Франсиско Да Силва, кој за да ги гледа домашните натпревари на Ресифе пешачел за секој меч по 60-ина километри од својот дом до стадионот на омилениот клуб. ег/сд/

Остани поврзан