• петок, 05 декември 2025

ЛДП: Банкарските такси паѓаат, но тука нема да запреме, продолжува борбата против неправедните провизии

ЛДП: Банкарските такси паѓаат, но тука нема да запреме, продолжува борбата против неправедните провизии

29 јули 2025

Граѓаните преку Либерално-демократската партија (ЛДП) го извојуваа првиот чекор - намалување на тарифниците за банкарски услуги, што произлегува како директен резултат од спроведената кампања „Твоја сметка – твои пари“ и јавниот притисок во интерес на граѓаните. Сметаме дека ова е важен и исправен чекор напред, кој покажува дека кога институциите имаат слух, а политиката се води во служба на граѓанинот, резултатите не изостануваат, се наведува во соопштението од ЛДП, што МИА го пренесува во интегрална форма.

Го охрабруваме гувернерот на Народната банка да продолжи со реформскиот курс и уште похрабро да застане зад иницијативите за укинување на низа неосновани банкарски надоместоци и провизии што постојат само во нашата земја, а се непознати во модерните европски банкарски системи.

Македонските граѓани и понатаму плаќаат провизии за затворање на сметки, за проверка на состојба, за повлекување пари од друг банкомат, за онлајн плаќања и електронски пристап – трошоци кои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија се укинати или се сведени на минимум. Време е оваа неправда да престане.

Во таа насока, ЛДП три пати поднесе измени на Законот за платежни услуги и платни системи до Собранието на Република Северна Македонија. Предложените измени предвидуваат укинување на банкарски надоместоци за кои нема никаква реална основа и кои само дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните.

Ова не е партиска иницијатива. Ова е иницијатива во име на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со скриени трошоци и банкарски правила што ја немаат својата оправданост во 21 век. Очекуваме сите пратеници, без оглед на политичката припадност, конечно да застанат зад граѓанскиот интерес и да дадат поддршка на измените.

Банките не смеат да бидат заштитени зони на профит на сметка на граѓанинот. Потребна ни е регулатива која ќе обезбеди заштита, транспарентност, правичност и пристапност во банкарските услуги. Граѓаните не се банкомати. Тие се работници, пензионери, млади, семејства – кои имаат право на фер банкарски третман.

ЛДП ќе продолжи со оваа борба, ќе го поддржи секој чекор кој оди во корист на граѓаните и ќе инсистира промените да се применат кај сите банки, без разлика на нивната големина, како и истата да е трајна, а не предмет на злоупотреби и изигрувања. Македонија има шанса да го модернизира својот банкарски систем и конечно да се доближи до стандардите што важат за сите граѓани на Европа. Време е да ја искористиме таа шанса.

 

Фото: ЛДП

Либерално-демократска партија

Остани поврзан