• петок, 22 ноември 2024

Лајчак: Европската иднина на Србија и Косово зависи од нормализацијата на нивните односи

Лајчак: Европската иднина на Србија и Косово зависи од нормализацијата на нивните односи
Брисел, 20 јули 2021 (МИА) - Самитот на делегациите од Белград и Приштина беше тежок и покажа многу поинаков пристап од двете земји, изјави високиот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. „Последица на ова е што постигнавме многу малку“, рече Лајчак по средбата меѓу Вучиќ и Курти во Брисел.

Тој додаде дека биле разгледани неколку различни предлози и дека единствениот резултат што може да се пријави е дека дијалогот ќе продолжи.

„Страните се согласија дека главните преговарачи ќе одржуваат месечни состаноци со посредство на Европската унија, дека ќе се разговара за тековните прашања и дека самитите ќе бидат подготвени навремено“, рече Лајчак.

Според него, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се договориле да се состанат во септември.

- За нас, Европската унија, важно е да се нагласи дека европската иднина на Србија и Косово зависи од нормализацијата на нивните односи. Затоа, очекуваме двете земји да работат заедно, да го надминат наследството од минатото и да ги решат сите нерешени прашања, рече Лајчак.

На вчерашниот самит присуствуваше и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан