• понеделник, 23 декември 2024

Лам не верува во Германците: Франција е главен фаворит за освојување на ЕП

Лам не верува во Германците: Франција е главен фаворит за освојување на ЕП

Берлин, 26 март 2024 (МИА) - Шефот на организацискиот одбор на Европското првенство во Германија, Филип Лам изјави дека Франција е фаворит на турнирот што ќе се одржи летово поради исклучителните играчи со кои располага.

Лам во разговор за француските медиуми беше прашан која репрезентација ја гледа како победник на Европското првенство.

-Франција. Тие едноставно имаат, би рекол, 40 играчи. Навистина имаат многу талентирани фудбалери. Имаат избалансиран тим и лесно можат да направат промени, да воведат играчи од клупата кои инаку би можеле да играат од самиот почеток. Тоа што е одлучувачко е што на теренот се претставуваат како тим, изјави Лам.

Поранешниот германски репрезентативец и играч на Баерн Минхен верува дека една од „големите фудбалски нации“ на крајот ќе го подигне трофејот, но сака да види и тим кој би можел да направи изненадување.

-Сосема сум сигурен дека трофејот ќе го освои фудбалска нација или фаворитот кој го освојуваше претходните години, изјави поранешниот капитен на „панцирите“.

Лам ја пофали германската репрезентација и триумфот против Франција на пријателскиот натпревар во Лион.

-Јулијан Нагелсман најде чиста формација, има централни дефанзивци, негови бекови и многу динамични млади играчи. Ова ни дава самодоверба. Исто така е важно за Германија и за еуфоријата во нашата земја што репрезентацијата игра добар фудбал. Натпреварот во саботата е првиот чекор, но само времето ќе покаже, објасни Лам.

Германија на Европското првенство ќе игра во групата А со Унгарија, Шкотска и Швајцарија. Турнирот започнува на 14 јуни, а финалето ќе се одржи на 14 јули. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан