• понеделник, 23 декември 2024

Лазаревска: СДСМ го штити и унапредува македонскиот јазик

Лазаревска: СДСМ го штити и унапредува македонскиот јазик

Скопје, 8 декември 2023

Денеска оддаваме почит и го славиме делото на Свети Климент, создавачот на првиот универзитет на Балканот со огромен придонес за македонската писменост, јазик, идентитет.

Токму на овој ден со гордост може да кажеме дека СДСМ го обезбеди признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, го штити и унапредува.

Македонскиот јазик денеска е признат во Обединетите нации, а со потпишување на Договорот со Фронтекс е дел и од Европската унија.

Целото европско законодавство се преведува на македонски јазик.

Подготвивме и нов Закон за употреба на македонски јазик.

Со овој закон се прошируваат областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.

Се проширува опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, како и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.

Согласно Законот се предвидува основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.

Грижата за македонскиот јазик не завршува тука.

После 24 години, обезбедивме можност за 16 вработувања, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки во Институтот за македонски јаик.

Со буџетски средства ја поддржавме дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, за трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на македонски текстови, некои од нив дури од 14-от век.

Во тек е проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов" во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Го поддржавме и проектот за дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“. Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик. И е воведен Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо.

Со сето ова покажуваме цврста определеност да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик!

Македонскиот јазик денес е научна, книжевна и политичка реалност во Европа и светот!

Прес-конференција, Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан