• петок, 22 ноември 2024

Лажни постојки во старечки домови во Шведска за смирување пациентите со деменција

Лажни постојки во старечки домови во Шведска за смирување пациентите со деменција

Стокхолм, 18 октомври 2023 (МИА) - Во домот за стари лица „Талхојден“ во Шведска, на околу 30 километри од Стокхолм, штитениците чекаат автобус што никогаш не доаѓа...

Имено, вработените во установата поставиле лажна автобуска постојка во ходникот којашто им „го опушта“ умот на вознемирените пациенти со деменција кои ќе посакаат да си заминат дома. На спротивниот ѕид е залепен и измислен распоред на автобуси. Слични катчиња има во повеќе домови за стари и за бездомници ширум Европа. Керолин Волберг, која раководи со старечкиот дом, вели дека немирот кај луѓето со деменција е вообичаена појава.

- Ги фаќа грижа и сакаат да си одат дома, во одредена фаза на Алцхајмерова болест или деменција, изјави таа. - Некои имаат дури и спакувани торби додека „чекаат“ на клупата.

Лажната постојка е поставена пред четири години и, според негувателката, „всушност“ им помага на пациентите додека да заборават на својот привремен немир.

- Имавме една госпоѓа која живееше овде и доаѓаше кај мене неколкупати на ден барајќи „нејзините родители да дојдат и да ја земат“... Па ќе седневме на клупата и - чекавме. Следи разговор... И тогаш таа беше помирна, посреќна. Потоа може да одиме да јадеме или да гледаме телевизија, раскажува Волберг.

Во домот денес живеат 17 стари лица, а мерката е дел од третманот на пациентите.

- Тоа е како терапија. Седиме овде и разговараме, (па) тие забораваат дека сакаа да си одат. Тоа помага многу, вели Луиз Бас, медицинска сестра која 13 години работи во домот.

Но, дали е морално прифатливо вака да се лажат ранливите пациенти? Напис објавен во израелскиот Журнал за истражување на здравствената политика го разгледува прашањево за лажните постојки.

Показателите говорат дека иако целта е да се намали бројот на пациенти со деменција кои се обидуваат да избегаат од домовите, лажните постојки исто така може да го зголемат чувството на фрустрација кај луѓето и дека се измамени.  си/

Остани поврзан