Лавров: Западот се обидува да спречи формирање на мултиполарен свет
- Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, денеска на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), изјави дека Западот се обидува да спречи формирање на мултиполарен свет и со уцени и санкции се обидува да ја одржи својата доминација
Пекинг, 1 септември 2025 (МИА) – Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, денеска на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), изјави дека Западот се обидува да спречи формирање на мултиполарен свет и со уцени и санкции се обидува да ја одржи својата доминација.
Тој наведе дека дискусиите и иницијативите изложени на Самитот на ШОС во Тјанџин, Кина покажуваат дека се формира мултиполарен свет.
- Западните земји се обидуваат да го спречат тоа. Тие се обидуваат да ја одржат својата доминација, не со преговори и методи на фер конкуренција, туку со директна уцена, притисок, санкции, наведе Лавров.
Според него постои „колосална“ злоупотреба на улогата на доларот во светската трговија и оти САД на сите им наметнуваат царински војни.
- Општото мислење беше дека сето ова нема никаква врска со обидот да се одбранат легитимните права на Западот во глобалната економија и политика, туку едноставно се користи како алатка за потиснување на конкурентите. Фактот дека конкурентите не само што пораснале, туку веќе се пред историскиот колективен Запад во повеќето аспекти е очигледен за сите, истакна Лавров. ми/
фото: ЕПА