• петок, 05 декември 2025

Лабудовиќ: Центар и центарци знаат што е вистинска вредност

Лабудовиќ: Центар и центарци знаат што е вистинска вредност

Скопје, 6 октомври 2025 (МИА) - Центар не е само општина – тоа е дух, приказна и начин на живот“, порача кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, во својата денешна изјава, стои во партиското соопштение, што МИА го објавубва интегрално.

Лабудовиќ истакна дека целта е да се врати вистинскиот маалски дух кој некогаш го правел Центар жив, топол и полн со енергија.

-Центар мора повторно да ги разбуди своите маала – местата каде што луѓето се поздравуваа со насмевка, каде што се седеше на клупа под липа, каде што се делеше и радост и мака. Денес тој дух е загубен меѓу бетон, сообраќаен метеж и бучава. Моја визија е повторно да го оживееме маалскиот живот – да создадеме средина каде што секој граѓанин ќе се чувствува спокојно, безбедно и гордо што живее токму овде, истакна Лабудовиќ.

Затоа, ќе ги уредиме и осветлиме запуштените зелените катчиња и детските игралишта во Капиштец и ќе ја обновиме уништената урбана опрема. Во Дебар Маало ќе создадеме нови пешачки зони и велосипедски патеки, а се разбира ќе има и повеќе паркинг простор и слободни тротоари.. Во Буњаковец ќе има нова катна гаража која ќе ги ослободи улиците. Во Градски ѕид ќе ги обновиме плочниците и ќе засадиме нови дрвја. И, многу други нешта во сите центарски маала, истакна Лабудовиќ.

Тој додаде дека обновата на Центар не значи само изградба и инфраструктура – туку обновување на човечките вредности: довербата, солидарноста и заедништвото.

-Со ревитализација на старите маала, со зачувување на она што е дел од нашето секојдневие и создавање нови јавни простори – ќе им го вратиме на центарци она што најмногу им недостига: блискоста, припадноста и човечката топлина. Секое маало ќе биде мало срце на нашата општина – пулсот на едно современо, но топло Скопје, нагласи Лабудовиќ.

Кандидатот за градоначалник порача дека центарци отсекогаш знаеле што е вистинска вредност.

-Центарци ги паметат приказните и знаат дека животот вреди кога луѓето се поврзани. Ние ќе го вратиме тој дух. Заедно ќе го направиме Центар повторно жив, убав и наш, заврши Лабудовиќ.

ЗНАМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан