Кумановската гимназија го чествува великанот Гоце Делчев
- Кумановската гимназијата „Гоце Делчев“ денеска одбележа 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. Пред бистата на великанот во дворот на училиштето цвеќе положија претставници од училиштето, Oпштината, предводена од градоначалникот Максим Димитриески, Советот, политичките партии, здруженија на граѓани.
Куманово, 5 мај 2025 (МИА) - Кумановската гимназијата „Гоце Делчев“ денеска одбележа 122 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. Пред бистата на великанот во дворот на училиштето цвеќе положија претставници од училиштето, Oпштината, предводена од градоначалникот Максим Димитриески, Советот, политичките партии, здруженија на граѓани.
-Го одбележуваме патронатот на училиштето. Горди сме што го носиме името на великанот, Гоце Делчев, достојно презентирајќи го со исклучителни успеси на државно и меѓународно ниво. Училиштето започнало со работа 1945/46 година, наредната учебна година ќе славиме 80 години, рече директорката на училиштето Марија Тодоровска.

Во Гимназијата настава следат 770 ученици, а училиштето организираше и отворен ден за полуматурантите. Учениците од Гимназијата се меѓу најуспешните во државата, освојуваат врвни меѓународни награди по речиси сите предмети.
-И годинава имаме новина. Покрај билингвалната паралелка на француски, воведуваме и англиска паралелка, според законот потребно е најмалку 30 проценти од наставата да се изведува на англиски, но кадарот е подготвен и стопроцентно да ја изведеме наставата. Тука е паралелката на српски јазик и сме единствени во државата која нуди таква можност. По завршувањето значително се олеснува и уписот на факултети во Р. Србија. Реализираме бројни проекти и препознатливи сме меѓу гимназиите на европско ниво, изјави директорката Тодоровска.

Гимназијата „Гоце Делчев“ е меѓу првите училишта во градот кое беше целосно реконструирано. Учениците подготвија празнична програма во чест на патронот, која ја проследија присутните гости. ам/мд/
Фото: МИА