Кумановската болница го одбележа Меѓународниот ден на медицинските сестри
- Во установата има 191 медицинска сестра, што не е доволно согласно европскиот просек. Болницата очекува вработување на средно медицинскиот персонал и доекипирање. Недостаток најмногу има на интерното, на хирургија и на педијатрија.

Куманово, 12 мај 2025 (МИА) - Медицинските сестри од Кумановската општа болница денеска ја одбележаа Меѓународната недела на сестринството. За медицинските сестри овој ден е исклучително важен бидејќи се потенцира нивната улога во здравствениот сектор.
Директорот на болницата Сашо Стошевски рече дека медицинските сестри се „невидливите херои“.
- Секогаш излегуваат во пресрет на пациентите. Им посакувам добро здравје и да ја извршуваат работата максимално посветено како и досега, рече Стошевски.
Во установата има 191 медицинска сестра, што не е доволно согласно европскиот просек. Болницата очекува вработување на средно медицинскиот персонал и доекипирање. Недостаток најмногу има на интерното, на хирургија и на педијатрија.
- Се надеваме на поголема бројка и верувам дека наскоро ќе има повеќе персонал за да се задоволат потребите на болницата како регионален центар. Најкритични се одделите каде што има и најмногу работа и во другите има недостаток. Важно е да се инвестира во средномедицинскиот персонал за поефикасна здравствен заштита на пациентите, рече Владимир Симоновски, главен медицински техничар во општа болница.
Во Куманово и во Липково има по една здравствена струка во средните училишта за формална едукација на медицинските сестри.
Милица Цветковска 37 години работи како медицинска сестра на интерното одделение и вели дека професијата е благородна и хумана.
Нејзината колешка од ортопедија Светлана Станковска има 45 години работен стаж. Во текот на кариерата менувала повеќе одделенија, почнувајќи од Итна помош преку домашни посети по речиси сите одделенија од болницата. Двете порачаа до младите колешки посветено да ја работат професијата и кажаа дека оваа работа можат да ја извршуваат оние кои вистински ја сакаат.
Од болницата велат дека настанот во Куманово е потсетник за општествената одговорност, улогата која ја имаат медицинските сестри, поддршката што треба да ја добијат преку подобри услови за работа, можности за едукација и јавна видливост на нивната улога во заедницата. ам/мд/
Фото МИА