• недела, 22 декември 2024

Културниот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид избришан од Централниот регистар

Културниот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид избришан од Централниот регистар

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Културниот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид од денеска е избришан од Централниот регистар, откако министерот за правда Кренар Лога на 30 март го потпиша решението со кое се забранува здружение да го користи името на оваа контроверзна личност.

Министерот за правда Кренар Лога на 30 март годинава го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

Од Министерството за правда, во соопштение до медиумите, укажаа дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности, и дека Решението ќе се достави до Централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.

Комисијата за употреба на имиња на личности, како што посочи Министерството за правда, смета дека евентуалното именување  на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.

- Во образложението Комисијата наведува дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка, се вели во соопштението од Правда, објавено на 30 март.

Бугарските клубови имаа рок до 16 февруари да ја усогласат работата со измените во законот за здруженија и фондации донесени лани во ноември.

Пред две недели од Централниот регистар беше избришано здружението „Иван Михајлов“ од Битола. аа/нд/

Фото: МИА принтскрин

Остани поврзан