• понеделник, 23 декември 2024

Кулеба: Украина и Србија се доследни во почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет

Кулеба: Украина и Србија се доследни во почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет

Белград, 13 мај 2024 (МИА) - Украина и Србија остануваат доследни на заемното почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, изјави денеска во Белград шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, по средбата со неговиот српски колега Марко Ѓуриќ.

Кулеба, кој од синоќа е во билатерална посета на Србија заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска, на социјалната мрежа Х напиша дека со Ѓуриќ разговарал и за евроинтеграциите на двете земји.

„Разговарав за начините за развој на билатералната соработка со министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ. Ѓуриќ ја изрази својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Му возвратив во однос на Србија“, напиша тој.

Кулеба претходно денеска во вилата „Мир“ разговараше со претседателот на Србија Александар Вучиќ за подобрување на односите, а премиерот Милош Вучевиќ исто така му потврди дека Белград е посветен на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет на секоја земја членка на Обединетите нации, вклучително и Украина.

Шефот на украинската дипломатија денеска ќе разговара и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Кулеба и сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска од вчера се во посета на Србија, што е прва посета на украински претставници на Белград од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Претседателот на Србија попладнево ќе разговара и со првата дама на Украина. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан