Кузеска: Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособна и најкорумпирана досега
- Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери,“ порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес конференција, стои во соопштението на СДСМ, кое што МИА го пренесува интегрално.
23 август 2025
Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери,“ порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес конференција, стои во соопштението на СДСМ, кое што МИА го пренесува интегрално.
Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се претвори во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари, додаде таа.
„Преку фирми блиски до власта, систематски се испумпуваа пари од граѓаните. Најочигледен доказ за тоа е фактот дека едни исти фирми, и во општините и во државните институции, добиваат милионски тендери и речиси секогаш се јавуваат како единствени понудувачи. Тоа не е конкуренција, тоа е корупција во најчиста форма,“ истакна Кузеска.
„Додека јавните пари се трошат за партиски бизнис шеми, ВМРО-ДПМНЕ ги удри граѓаните по џеб. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет,“ потенцираше Кузеска.
Поголеми трошоци за живот има речиси во сите општини под ВМРО-ДПМНЕ: Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, Бутел, Неготино, Гевгелија, Велес.
„Наместо да ги олеснат животите на луѓето, тие ја зголемија цената на секојдневието, оставајќи ги граѓаните со повисоки давачки и со посиромашни општини,“ посочија од СДСМ.
Таа нагласи дека најголемиот пример за катастрофална локална власт е токму главниот град.
„И во Скопје 4 години ВМРО-ДПМНЕ е локална власт: нивни партиски луѓе како Перински, Христовски, Велковски, Славевски, управуваа со јавните претпријатија во Скопје, со Советот на Градот, со сите полуги на локалната власт. После 4 години Скопје е симбол на хаос во јавниот превоз, со нечисти улици и смет на секој чекор, со ниту еден нов капитален проект, јавните претпријатија пред распад и тотално нефункционални. Над 150 незаконски дивоградби, криминал тежок над 220 милиони евра, узурпиран јавен простор, загрозена безбедност и уништен урбанистички ред. Тоа е сликата на Скопје со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача Кузеска.
Затоа, локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво. Шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување на ВМРО-ДПМНЕ, на хаосот, нереализираните ветувања, урбаната мафија и криминалот. Шанса да се вратат општините таму каде што им е местото: во служба на граѓаните, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес конференција.
Центар за комуникации СДСМ
Фото: Центар за комуникации СДСМ