• вторник, 26 ноември 2024

Де Кро: ЕУ мора да игра сериозна улога во запирање на конфликтот на Блискиот Исток 

Де Кро: ЕУ мора да игра сериозна улога во запирање на конфликтот на Блискиот Исток 

Брисел, 15 декември 2023 (МИА) - Состојбата во Израел и Палестина е влошена во споредба со последна средба на лидерите на ЕУ и наша заложба е да запре страдањето и на луѓето двете страни, изјави денеска пред почетокот на вториот ден од Самитот на Унијата во Брисел белгискиот премиер Александер де Кро, чија земја го презема претседавањето со блокот од 1 јануари.  

- Треба да се обезбеди целосен хуманитарен пристап, заложниците треба да бидат ослободени и треба да дојде до прекин на непријателствата. За да дојдеме до тоа, важен елемент е ние Европејците да имаме единствена позиција ако сакаме да играме сериозна улога во тој конфликт. А мислам дека мораме, бидејќи ќе имаме последици доколку состојбата отиде во погрешен правец, изјави Де Кро. 

Тој изрази надеж дека европските лидери на денешното продолжение на Самитот ќе имаат „добра дискусија“ за оваа прашање и дека ќе успеат да усогласат заедничка позиција, со цел ЕУ да може да ја игра својата улога, бидејќи убивањето на невини цивили мора да запре. 

Во врска со вчерашната одлука на Советот за старт на преговорите за членство на Украина, при чие усвојување унгарскиот премиер Виктор Орбан не бил присутен во салата во кое се одржува заседанието, Де Кро рече дека одлуката е донесена и таа ги обврзува сите 27 земји членки. 

- Тоа е многу важна порака што им ја упативме на Украинците дека сме на нивна страна. Но, тоа е и важна порака упатена до Москва дека во овој важен момент, ние сме на страната на Украинците. А до остатокот од светот дека единството во ЕУ е поголемо од кога било досега и дека поддршката за Украина е тука и ќе продолжи, додаде Де Кро. 

Во однос на предлогот за финансиска поддршка на Украина во износ од 50 милијарди евра, Де Кро изјави дека е постигнат значителен напредок во разговорите по оваа прашање, но дека се уште не е донесена конечна одлука. Според него, за негово усвојување ќе бидат потребни уште неколку недели и дека тоа веројатно ќе се случи за време на белгиското претседавање со ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во врска со информациите дека Орбан го условил укинувањето на ветото за помошта за Украина со деблокирање на средства од европските фондови за Унгарија, Де Кро одговори дека унгарскиот премиер е истакнал такво барање на заседанието на Советот. 

Сепак, Орбан во интервју за унгарското државно радио денеска изјави дека бара деблокирање на милијарди евра средства од ЕУ за неговата држава, пред да размисли за укинување на ветото за дополнителна помош за Украина. 

- Отсекогаш сум велел дека ако некој сака да го измени законот за буџет, а тоа го сака поради неколку причини, ова е одлична можност за Унгарија јасно да стави до знаење дека треба да го добие она што го заслужува. Не половина, а потоа четвртина, туку мора да добие се, рече Орбан, додавајќи дека морал да го блокира пакетот помош за Украина за да се увери дека Унгарија ќе ги добие средствата што ги сака од буџетот на ЕУ.  

Тој изјави и дека се обидел да ги убеди другите лидери на ЕУ да не го ставаат на дневен ред на Самитот прашањето за пристапните преговори на Украина, но дека било невозможно да ги убеди во тоа. Сепак, според него, Унгарија подоцна може да го запреме овој процес и ако е потребно „ќе ја повлече рачната сопирачка“. 

Рано изутринава, по завршувањето на првиот ден од Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека предлог ревизијата на Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 во сите нејзини аспекти компоненти и приоритети, односно поддршката за Украина, миграцијата и надворешната димензија, стратешките технологии за Европа, платформата „СледнаГенерацијаЕУ“, отплатата на камати, специјалните инструменти, како и новите сопствени ресурси и елементи кои го намалуваат влијанието врз националните буџети, е цврсто поддржана од 26 шефови на држави или влади. 

- Ќе се навратиме на тоа на почетокот на следната година, изјави кусо Мишел, без да прецизира која е државата што не ја поддржува ревизијата. 

Меѓутоа, холандскиот премиер Марк Руте во изјава при заминувањето од заседанието потврди дека Унгарија го блокирала договорот за помошта за Украина, најавувајќи дека лидерите на ЕУ одлучиле одново да дискутираат за ова прашање во јануари. 
Руте прецизира дека 26 земји од ЕУ се согласиле да и обезбедат на Украина средства од буџетот на ЕУ до 2027 година, но Унгарија била против тоа со што е постигнат потребниот консензус. 

- Имаме уште малку време. Украина нема да остане без пари во следните неколку недели. Се договоривме со 26 земји. Со Виктор Орбан, Унгарија, се уште не можеше да се стори тоа. Сосема сум уверен дека можеме да постигнеме договор на почетокот на следната година, околу крајот на јануари, рече Руте. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан