Крмов: Левица ќе ги поддржи интерпелациите за членовите на Судски совет
- Ако го погледнеме квалитетот на персоналните решенија, пратеничката група на Левица ќе ги поддржи интерпелациите за петте члена на Судскиот совет, истакна на денешната прес-конференција координаторот на оваа партија Борислав Крмов.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Ако го погледнеме квалитетот на персоналните решенија, пратеничката група на Левица ќе ги поддржи интерпелациите за петте члена на Судскиот совет, истакна на денешната прес-конференција координаторотна оваа партија Борислав Крмов.
-Мора да се прати порака до судството. И одговорност мора да има сега и веднаш. Не можеме да имаме една каста на граѓани како што се судиите во оваа држава кои буквално не одговараат скоро за ништо. Не треба да ја запоставиме персоналната одговорност на членовите на Судскиот совет. Тие се најодговорни за катастрофалната ситуација во која се наоѓа македонското судство. Имаме доверба само од 2 отсто. Тие се најодговорни. Тие ги поставуваат судиите. Тие ги разрешуваат. Тие иницираат дисциплински постапки и мора да понесат одговорност, рече Крмов.
Пратеникот на Левица нагласи дека интерпелациите би требало да бидат вовед во таканаречената реформа на власта, но за жал, како што посочи, немаме реформа во правосудството.
-Што би било реформа во правосудството? Тоа би било да воведеме ветинг, да воведеме потекло на имот на судиите, антинепотистички закон да не можат на иста фамилија бидат обвинител, судија, адвокат и слично, ограничување на мандатот на судиите, кривична одговорност и судиите за кои има сомнение дека се корумпирани да се пратат на предвремена пензија. Тоа би биле вистинска судска реформа. Такви предлози даваше Левица и во претходниот мандат и во овој, рече Крмов. фф/нд/
Фото: МИА архива