• понеделник, 23 декември 2024

Критериумите за вработување на специјализантите тема на средбата со министерот за здравство Таравари

Критериумите за вработување на специјализантите тема на средбата со министерот за здравство Таравари

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Критериумите за вработување на приватните специјализанти биле во фокусот на денешниот состанок на министерот за здравство, Арбен Таравари, со Здружението на лекари специјализанти.

Како што информираше Александра Ѓорѓиева, претседателка на Здружение на лекари специјализанти, во изјава за МИА по денешниот состанок со министерот Таравари, разговарале за повеќе критериуми.

-Она што беше од суштинско значење, разговаравме со министерот за  критериумите за вработување кои би го вклучиле просекот, годината на специјализација, местото на живеење на специјализантот и типот на специјализација согласно потребите на јавно здравствените установи. Се надеваме на брза имплементација, рече Ѓорѓиева.

Средбата, според неа, била продуктивна и во позитивна атмосфера.

-Средбата штотуку ја остваривме со министерот за здравство, Арбен Таравари, беше продуктивна и во позитивна атмосфера. На средбата министерот образложи дека се обезбедени 300 согласности за вработување во текот на оваа година и дополнително ќе бидат обезбедени уште 300 согласности за вработување во текот на следната 2025 година. Со оглед дека вкупниот број на приватни специјализанти е околу 600, оваа мерка би опфатила активно вработување на сите колеги на приватна специјализација, образложи таа, нагласувајќи дека како Здружение сметаат дека ова е монументален исчекор.

Дополни дека се договориле за следните чекори, кога колегите би доставиле податоци од личен карактер до Министерството за здравство, со цел да се направи регистар и подобро планско вработување во текот на месец септември.

Претходно, министерот Таравари информираше дека треба да се постават критериуми и потоа да побараат каде има интерес во јавните здравствени установи.

Со одлуката на Владата, Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години по 300 лица годишно. 
На овој начин, според Владата, ќе се даде шанса за млад здравствен кадар во македонското здравство, активно ќе се влијае за намалување на метежот во здравствените институции и ќе се излезе во пресрет на долгогодишните барања за доекипирање на здравството. ар/ев/

ФОТО: Архива

Остани поврзан