• петок, 22 ноември 2024

Кривична пријава за несовесно работење во службата - помошник министер во Центарот за обука на МВР

Кривична пријава за несовесно работење во службата - помошник министер во Центарот за обука на МВР

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднел кривична пријава против С.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Пријавената С.Т. на работното место помошник на министерот во Центарот за обука на МВР, во периодот од септември до октомври 2023 година, соопшти денеска МВР, постапила несовесно во вршење на своите должности и овластувања, на тој начин што на лица со кои министерството имало склучено договор за основна обука за полицаец (генерација 2023/2024) им овозможила да продолжат со основната обука и покрај тоа што им бил откажан договорот за основна обука поради тоа што не ги освоиле потребните бодови за продолжување на обуката во друг модул.

- Пријавената самоволно и незаконски им овозможила да ја продолжат обуката на начин што им биле прифатени поднесените приговори, им било извршено ретестирање спротивно на подзаконските прописи што ја регулираат предметната материја и им овозможила да засноваат работен однос во министерството и покрај тоа што во договорот била предвидена одреба согласно која во случај на спор постапувањето е во надлежност на судот, се наведува во соопштението.

Со тоа што им овозможила на кандидатите за полицаец понатамошно право на обука, престој и исхрана во Центарот за обука во МВР, таа го оштетила буџетот на МВР во вкупен износ од 189.777 денари.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изрекол задолжителни мерки да се преиспита основаноста на склучените договори за работа. цр/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан