• сабота, 23 ноември 2024

Крива Паланка и Лесковац се збратимуваат, потпишана Повелба за пријателство и соработка

Крива Паланка и Лесковац се збратимуваат, потпишана Повелба за пријателство и соработка

Крива Паланка, 6 октомври 2022 (МИА) – На свечената седница на Советот по повод Денот на ослободување на општина Крива Паланка, градоначалниците на Крива Паланка и Град Лесковац, Република Србија, потпишаа Повелба за пријателство и соработка со која се официјализира и најавеното збратимување на градовите отпочнато како инциијатива во рамки на проектот од прекуграничната сорботка.

Повелбата ја потпишаа градоначалникот на Лесковац, Горан Цветановиќ и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

-Со потпишувањето на овој документ и официјално ги формализираме нашата соработка која прерасна во голема соработка на повеќе полиња. Нашиот град Лесковац е богата локална самоуправа, со збратимени градови од стариот континент и од далечна Азија, но посебно задоволство е збратимувањето со градови од соседството. По Куманово во Северна Македонија од денес и Крива Паланка е наш братски град, така што со тоа се потврдуват и зајакнуваат нашите цврсти релации како пријатели и браќа, рече градоначалникот на Лесковац, Цветановиќ.

Тој додаде дека двете држави веќе ја потврдија одличната соработка и со одобреното бесплатно вакцинирање на територија на Србија од страна на претседателот Александар Вучиќ, за време на пандемијата и донација на вакцини, како и со потпишаниот договор за слободно движење на капитал и услуги меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија.

-Нашата соработка двата града ќе ја продолжат и на полето на туризмот, за што е  направен и нов проект, но и на полето на спортот, културата, така што, посебно сум среќен за ова ново братско пријателство со Крива Паланка, рече градоначалникот Цветановиќ.

Крива Паланка и Лесковац го имплементираа проектот „Поврзување на бисерите“ од ИПА програмата на ЕУ помеѓу Северна Македонија и Србија, во вредност од 236.440 евра, со кои е уреден кањон на Река Вучјанка во Лесковац и Станечки Водопади во Крива Паланка.

-Градиме мостови на соработка, заеднички создаваме нови иницијативи, благодарение на Европските перспективи. Работејќи заедно со нашите партнери и соработници од град Лесковац, изградивме нови потенцијали за поврзување на бисерите. Со проектот што заеднички го реализиравме  уредени се Станечки Водопади и пешачка патека кон Калин Камен, локалитет Ловечка куќичка,  како нова туристичка атракција за посета во Крива Паланка. Оваа успешна соработка  прерасна и во иницијатива за збратимување на нашите два града и на наше големо задоволство истата се официјализира токму денес и ќе имаме уште еден повод за славење. Вредноста на пријателството со мојот драг и почитуван колега Цветановиќ, која произлезе токму од проектот „Поврзување на бисерите“, е непроценлива, рече Митовски.

Проектните тимови од општинските администрации од Крива Паланка и Лесковац имаат одлична соработка и веќе е подготвен нов заеднички проект аплициран на повикот за прекугранична соработка и во првата фаза е одлично оценет.

-Ќе соработуваме и на поле на гастрономијата, со воспоставен договор веќе следната година познатата „Лесковачка роштиљијада“ да гостува во Крива Паланка по повод деновите на летни празнувања и патрон-празникот на градот Св.Јоаким Осоговски. Збратимувањето дојде некако природно и само се формализира дека сме две сродни општини со одлична соработка која ќе трае во иднина и ќе се надградува. Тоа ме прави особено горд зашто Крива Паланка од денес добива нова братска општина со бројни вредности и потенцијали. Уште еднаш благодарам мој драг колега за укажаната доверба и чест, додаде Митовски.

Како и досега, но од денес и со посебен повод, жителите на Лесковац, како што рече,  имаат ширум отворени врати и срца во Крива Паланка и можат да се чувствуваат како дома. ид/дма/

Остани поврзан