• петок, 05 декември 2025

Кремљ: Путин го информираше Ким Џонг-ун за средбата со Трамп

Кремљ: Путин го информираше Ким Џонг-ун за средбата со Трамп

Москва, 13 август 2025 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин телефонски го информираше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за претстојниот самит со американскиот претседател Доналд Трамп, што ќе се одржи за два дена во Енкориџ, на Алјаска, соопшти Кремљ.

„Рускиот претседател... сподели информации со Ким Џонг-ун во контекст на претстојните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп“, објави Кремљ по средбата на лидерите.

Според соопштението, Путин, исто така, изрази благодарност за поддршката што Пјонгјанг и ја даде на Русија во потиснувањето на украинските војници од својот граничен Курски регион по упадот во август 2024 година. Тој, исто така, изрази благодарност за „храброста, хероизмот и посветеноста“ што ги покажаа севернокорејските војници во тој контекст.

Путин и Трамп ќе се сретнат во Алјаска во петок за да разговараат за начините за завршување на војната меѓу Русија и Украина, која трае речиси три и пол години.

Претстојните разговори ќе бидат првата средба лице в лице меѓу актуелните претседатели на Русија и САД од јуни 2021 година, кога Путин се сретна со тогашниот американски претседател Џо Бајден во Женева, Швајцарија.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан