Кралот Абдула смета дека меѓународните трупи нема да сакаат да наметнат мир во Газа
- „Одржувањето на мирот подразбира дека сте присутни таму и ги поддржувате локалните полициски сили, Палестинците, кои Јордан и Египет се подготвени да ги обучат во голем број, но тоа одзема време. Ако патуваме низ Газа во патрола со оружје во рацете, тоа не е ситуација во која било која земја би сакала да учествува“, истакна тој.
Лондон, 27 октомври 2025 (МИА) - Јорданскиот крал Абдула изјави дека арапските земји и меѓународните партнери ќе го отфрлат барањето за „наметнување“ мир во Газа доколку нивните трупи бидат распоредени во согласност со планот за примирје на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според мировниот план на Трамп од 20 точки, арапските земји и меѓународните партнери треба да формираат стабилизациска сила која ќе ги обучува и поддржува палестинските полициски сили во Газа и ќе се консултира со Јордан и Египет, кои имаат богато искуство на терен, додека Хамас треба да се разоружа и да ја предаде политичката контрола врз територијата.
„Кој е мандатот на безбедносните сили во Газа? Се надеваме дека е да се одржи мирот, бидејќи ако станува збор за наметнување мир, никој нема да го прифати“, рече кралот Абдула во интервју за Би-Би-Си објавено денеска.
Кралот додаде дека Јордан и Египет се подготвени да ги обучуваат палестинските безбедносни сили.
„Одржувањето на мирот подразбира дека сте присутни таму и ги поддржувате локалните полициски сили, Палестинците, кои Јордан и Египет се подготвени да ги обучат во голем број, но тоа одзема време. Ако патуваме низ Газа во патрола со оружје во рацете, тоа не е ситуација во која било која земја би сакала да учествува“, истакна тој.
Коментарите на јорданскиот крал ги одразуваат загриженостите во САД и другите земји дека може да бидат вовлечени во континуиран конфликт меѓу Хамас и Израел, или Хамас и други палестински групи, смета британскиот јавен сервис.
На прашањето дали верува дека Хамас ќе го исполни своето ветување да се откаже од својата политичка улога во Газа, кралот Абдула вели дека не го познава доволно добро Хамас, но дека Катар и Египет, кои тесно соработуваат со палестинската милитантна група, се многу оптимисти во тој поглед.
„Ако не го решиме овој проблем, ако не најдеме решение за иднината на Израелците и Палестинците и односите меѓу арапскиот и муслиманскиот свет - ние сме осудени на пропаст“, заклучи јорданскиот крал.сд/
фото: ЕПА