• понеделник, 23 декември 2024

Коциќ: Сакаме да видиме дали, кога и од чија страна биле направени евентуални злоупотреби на онкологија

Коциќ: Сакаме да видиме дали, кога и од чија страна биле направени евентуални злоупотреби на онкологија

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ денеска изјави дека тој и неговата пратеничка група се најзаинтересирани да видат дали, кога и од чија страна биле направени евентуални злоупотреби со терапија на Клиниката за онкологија.

- Денеска практично почнува со работа Анкетната комисија за случувањата на Клиниката за онкологија. По предлог на опозицијата прифативме активно да учествуваме во работата на оваа комисија. Јасно сакам да кажам дека сме најзаинтересирани да се открие дали постои евентуална одговорност кај функционери во случувањата на Клиниката за онкологија. Апсолутно застануваме против злоупотребата на народните пари што оваа Влада ги одвоила за биолошка терапија и сме заинтересирани да видиме дали, кога и од чија страна со име и презиме биле направени евентуални злоупотреби со истата терапија, рече Коциќ. 

Здравјето и животот на граѓаните, како што вели, е пред се и над се, и доколку кој било се дрзнал да ја злоупотреби својата функција, довербата и парите со коишто се обезбедила оваа терапија, тогаш треба јасно да се каже во јавноста дека тој некој или таа некоја, тоа го направиле.

-Мојата забелешка за време на координацијата беше дека не треба да го ограничуваме времето, со оглед на информациите дека постоеле индиции и пријави до Основното јавно обвинителство, уште пред десетина години, за наводни злоупотреби. Би требало како одговорна Анкетна комисија да разгледаме дали тоа некој ги криел предметите во фиока и друга злоупотреба со што не излегла виделината на површина, рече Коциќ. 

Нагласува дека тие ќе работат професионално и без политизирање и дека како пратеничка група сакаат да покажат одговорност, но и да побараат одговорност од луѓето кои извршувале функција, без разлика дали се работи во државни органи или во областа на здравството.

Коциќ рече дека исто така, нивната работа би требало да испрати порака дека не смеат да се злоупотребуваат функциите или положбата, притоа нарушувајќи ги законите и уште полошо, нарушувајќи го здравјето или животот на нашите сограѓани.

-  Тоа што било обезбедено за лекување на пациентите, треба да биде искористено во интерес на нивното здравје и живот. Не прифаќаме кој било да биде оцрнуван без потреба, застанувам во одбрана на чесните лекари, на чесните функционери, меѓутоа кој било што злоупотребил функција или положба, без разлика како се вика и од која политичка партија доаѓа, треба да биде таргетиран, смета Коциќ. 

Друг член на комисијата, Арбен Зибери од ДУИ, во изјава за медиумите рече дека се очекува политичките партии да не гледаат да добијат политички поени, бидејќи се работи за здравјето на луѓето, па како што нагласи, би било најсоодветно сите да придонесеме да се најдат, ако постојат, виновници. бд/ев/


Фото: МИА

Остани поврзан