• среда, 27 ноември 2024

Коцевски: Експлоатацијата на минерална суровина од Црниот рид на поранешна Топилница оди бавно

Коцевски: Експлоатацијата на минерална суровина од Црниот рид на поранешна Топилница оди бавно
Велес, 14 мај 2021 (МИА) - Концесионерот на згурата од поранешна Топилница „Кепс Монт Груп“ ДОО Скопје за повеќе од една година досега на локалитетот „Баш Колиби“ изврши ископ, сеење, товарење и транспорт на 2.500 тони техногена минерална суровина. Тоа е многу малку, премалку во однос на 1,8 милиони тони техногена минерална суровина во „Црниот рид“ настанат како последица од 30 годишното работење на велешка Топилница, која 18 години веќе не работи, потенцира градоначалникот Аце Коцевски. Општина Велес на 2 октомври 2019 година на „Кепс Монт Груп“ ДОО Скопје и издаде Б–интегрирана еколошка дозвола, а важноста на дозволата и истекува на 2 октомври 2023 година. -Операторот до локацијата обезбеди електрична енергија и затоа ние им препорачуваме да ги интензивира активностите строго почитувајќи ги мерките пропишани со Б-Интегрираната еколошка дозвола, порача Коцевски. Коцевски, исто така, информира дека има најави концесионерот да монтира постројка со која ќе го вадат железото кое го има во згурата од „Црниот рид“ и потенцира дека тие како Општина ќе се заложат „Кепс Монт Груп“ тоа да го направат со почитување на законската регулатива, за да не се создаде ново загадување во Велес. Според проценките, за да се исчисти големиот „Црн рид“ од техногена минерална суровина потребни се околу четири години. Според претходно објавени информации од компанијата, тие освен во Србија и Косово, ќе соработуваат и со компанија од Турција, која ќе ја преработува суровината на Блискиот Исток. Првично, техногената суровина требаше да се транспортира за Малезија, а преку Солунското пристаништа до каде беше најавено да се носи со специјални камиони, но тоа пропадна поради воведување на забрана за извоз на ваква техногена минерална суровина во оваа земја. Во „Црниот рид“ од велешка Топилница има од шест до десет отсто цинк, помеѓу 2,2 и 3,4 отсто олово и 25 отсто железен оксид кои можат да се искористат како секундарна суровина. Според проценката на стручњаците, во троската има и арсен, кадмиум и други опасни елементи, кои се наоѓаат во трагови и со оглед на тоа дека не се слободни, туку врзани со други елементи, и според нив не претставуваат опасност по здравјето на жителите на Велес. ад/аа/

Остани поврзан