Коцевски: Доказите за убиството на Вања се обезбедени, чекаме екстрадиција на Палчо
- Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено. Тој изрази надеж дека осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо ќе биде брзо екстрадиран од Турција.
Скопје, 1 март 2024 (МИА) – Државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека во обвинителската кариера истражувал многу злосторства, но како убиството на Вања Ѓорчевска немал видено. Тој изрази надеж дека осомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо ќе биде брзо екстрадиран од Турција.
-Во моето долгогодишно искуство, може да кажам дека сум имал 50 - 60 вакви случаи, за жал, меѓутоа тука се работи за специфично грозоморно убиство. Со истрагата се опфатени пет лица кои се осомничени. Обезбедени се доказите, имаше и обдукција, сето тоа оди во корист на фактичката состојба што Обвинителството ја утврдува, чекаме екстрадиција во однос на лицето што го спомнавте, Палчо, и јас мислам дека ќе биде брзо екстрадиран од Република Турција. Нашата работа е завршена, останува само екстрадицијата, рече Коцевски во вечерашата емисија Топ Тема на телевизија Телма.
Во однос на документацијата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и објектот каде што беше сместено, Коцевски рече дека ставил потпис за раскинување на договорот за закуп на зградата. Просторот изминатиов период го користеле само двајца обвинители кои беа дел од СЈО. Тој додаде дека сите материјали за случаите кои ги работело СЈО се префрлени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Префрлени се и материјалите од прислушуваните разговори кои беа поводот за формирањето на тогашното СЈО.
За случајот со „Онкологија“, обвинителот Коцевски посочи дека случајот е сложен и дека се уште е на почеток.
-Се работи за сложен предмет, истрагата е се уште на самиот почеток. Најново е она што по наредба на јавен обвинител, Фондот за здравствено осигурување да изврши нов надзор на клиниката, и моментално извештајот се анализира во Обвинителството, истакна тој.
Коцевски зборувајќи за измените во Кривичниот законик рече дека во процесот не биле консултирани ниту правната фела, ниту Јавното обвинителство.
-Во однос на измените на КЗ, во однос на кривичното дел 353, начинот на кој се донесе сите го знаеме. Тоа беше многу брзо, не беше консултирана ни правната фела, ни Јавното обвинителство. Првпат можеби, досега, јас колку што паметам, начинот на кој се донесе Законот со таква брзина, односно измените конкретно на член 353 со толкава брзина е нешто што се случи многу брзо. Кога се определува видот и висината на казната, секогаш законодавецот треба да има во предвид одредени параметри, изјави Коцевски.
Соопшти дека комисијата која врши надзор врз изборниот процес веќе е формирана, но дека е рано за да се забележат било какви противправни дејствија.
Коцевски помеѓу другото најави фомирање на независен механизам за пријавување на евентуалните влијанија и притисоци.
-Сакам, доколку дозволува законот, тоа сега го проучуваме со колегите, да воспоставиме независен механизам за заштитно пријавување преку кој јавните обвинители ќе можат на безбеден начин да ги пријавуваат евентуалните влијанија и притисоци со кои се соочуваат. Тоа значи дека секој јавен обвинител или судија, доколку има одредени притисоци од власта, поединци, функционери, ќе може тоа да го пријави во одделението. Тоа одделение се уште не е формирано, ги разгледуваме можностите во Законот за јавно обвинителство дали е возможно да се формира. Тоа одделение може да го води и државниот јавен обвинител или обвинител што ќе го овласти државниот јавен обвинител, додаде Коцевски. свс/дма/
Фото: Принтскрин