• петок, 22 ноември 2024

Коцарев: Предизвиците денес се од духовна и економска сфера, потребен е фундаментален документ изработен од МАНУ

Коцарев: Предизвиците денес се од духовна и економска сфера, потребен е фундаментален документ изработен од МАНУ

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Предизвиците со кои се соочуваме денес се од духовна и од економска сфера. На државата и е потребен фундаментален документ, којшто ќе биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и стопанските комори, без учество на извршната власт. Но, не е доволно само да се изработи ваков документ, туку потребна е негова имплементација во континуитет, посочи претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.

Тој денеска во своето обраќање по повод 56 години од постоење на МАНУ, рече дека првиот предизвик што го има државата се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре во државата. 

-Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти, рече Коцарев.

Зборувајќи за процесот за пристапување кон ЕУ, Коцарев рече дека државата се уште не е подготвена да стане полноправна членка на Унијата, но и дека Унијата нема демократски капацитет да не прими во нејзините редови.

-Длабоко сум убеден дека единствен излез за Македонија е таа да заборави на моментот на безнадежниот и лажен ЕУ-сон и да се сврти кон себе си. Македонија може и треба сама да се избори за својата иднина, рече Коцарев.

Во однос на економијата, рече дека светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза.

- Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја Влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст, рече Коцарев. 

Коцарев во своето обраќање подвлече дека МАНУ има потреба од отворање на расправа за формирање на Одделение за хуманистички науки за што, како што посочи, потребна е општа расправа во Собранието на МАНУ за овој предлог.

Според Коцарев, време е МАНУ да се приспособи на современите научни текови кога станува збор за класификација на науките.

Како позначајни активности на Академијата, реализирани во текот на овие три години и девет месеци, Коцарев ги издвои одбележувањето на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на државата, одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на основачите на МАНУ, академиците Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов и изборот на нови членови на МАНУ на 20. изборно Собрание на Академијата.

За време на одбележувањето на 56-годишнината, Коцарев денеска на Софија Милорадовиќ и Бранко Тошовиќ им го додели меѓународното признание „Блаже Конески“. бт/бак/

 

Фото/ МИА

Остани поврзан