Костовски: Со поддршка од трибините можеме до триумф над МЗТ Скопје
- Четири натпревари се на програмата денеска во рамки на 2 коло во Првата македонска МТЕЛ кошаркарска лига во кое дербито се игра во Битола меѓу Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром.

Битола, 12 октомври 2024 (МИА) – Четири натпревари се на програмата денеска во рамки на 2 коло во Првата македонска МТЕЛ кошаркарска лига во кое дербито се игра во Битола меѓу Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром.
Еден од лидерите во составот на битолскиот тим, Александар Костовски, во изјава за клупскиот сајт посочи дека желба на сите во зелено-белиот табор е со триумф на денешниот дуел да се потврдат високите амбиции.
„Подготвени сме да одговориме на предизвикот на овој натпревар. МЗТ е одлична екипа која многу добро знае што сака во својата кошарка, има јасно дефинирани принципи и ние ќе мораме да одговориме со дисциплинирана игра. Мора да се има сериозен фокус и концентрација во текот на сите 40 минути ако сакаме да дојдеме до посакуваната цел“, изјави Костоски.
Пелистер пред две недели загуби од истиот ривал во Супер-купот на Македонија, но Костоски е убеден дека овојпат неговиот тим ќе се покаже во далеку подобро светло.
„Мислам дека ова ќе биде сосема поинаков меч од Супер-купот, иако и таму имавме многу добри моменти, пред сè во првото полувреме. Во меѓувреме одигравме два добри натпревари, ги совладавме Широки и Тиквеш и ќе имаме уште поголема самодоверба. Покрај тоа, играме на домашен терен, пред наша публика и сигурно дека ќе влеземе со огромна желба, енергија и мотивација за да стигнеме до важна победа кога е во прашање домашното првенство“, наведе плејмејкерот на Пелистер. ег
ФОТО: КК Пелистер/Фејсбук