• недела, 22 декември 2024

Костадиновска - Стојчевска: Мојата земја го има благословот Охридски Регион, препознаен и високо вреднуван од УНЕСКО

Костадиновска - Стојчевска: Мојата земја го има благословот Охридски Регион, препознаен и високо вреднуван од УНЕСКО

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на 42. Генерална конференција на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, која од 7 до 22 ноември се одржува во Париз.

Како што информираат од Министерството за култура, на дебатата за генералните политики на Организацијата, Костадиновска - Стојчевска го изрази своето убедување дека оваа конференција, која се одржува во пресрет на 78-та година од раѓањето на УНЕСКО, чија мисија е и градење култура на мир и меѓукултурен дијалог, е вистинското место и време за разговор.

 - Мојата земја го има благословот наречен Охридски Регион, кој пред 44 години УНЕСКО го впиша на престижната листа како едно од триесет и шесте светски културни и природни добра со универзална вредност, рече Костадиновска - Стојчевска.

Таа ја нагласи континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и со советодавните тела во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

 - Комитетот за светско наследство ги препозна и ги уважи нашите напори, како и заедничките напори со Република Албанија, за зачувување на охридската убавина. Македонските и албанските експертски тимови заедно изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план. Овој наш потфат беше високо вреднуван од Комитетот и протолкуван како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и за интензивна соработка со УНЕСКО, истакна министерката.

Костадиновска - Стојчевска потсети дека иако многумина улогата на УНЕСКО ја поврзуваат само со престижниот статус на Охридскиот Регион, на Тентативната листа на УНЕСКО е впишана и монументалната црква од 12 век „Свети Ѓорги“ од Курбиново, и додаде дека реставрацијата и конзервацијата на овој посебен бисер со монументална вредност се при крај.

Зборувајќи за актуелните случувања во светот, Костадиновска - Стојчевска рече дека потребно ни е единство на добрите луѓе и гласност на разумните.

 - И тука ја препознавам силата и големината на мисијата на УНЕСКО. Овој трезор на најубавото создадено од природата и од човекот, има авторитет, има право и должност да нѐ мобилизира под закрила на својата благородна мисија, додаде таа.

Во своето обраќање Костадиновска-Стојчевска рече дека по заразата од пандемиски размери, денеска светот во третата декада на 21 век се соочува и со две војни, климатски промени, лажни вести, дигитална трансформација на општеството, развој на вештачката интелигенција.

Во тој контекст, министерката за култура Костадиновска - Стојчевска додаде дека сега е вистинското време за вистински разговор, како што посочи, зашто на светот како никогаш досега му е неопходно генерално преиспитување (re)Thinking.

Костадиновска-Стојчевска ги истакна важноста и континуитетот што нашата држава ги има преку соработката со Светската организација како членка која веќе 30 години активно придонесува во спроведувањето на мултилатерналните културни политики во светот. сан/дма/

 

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан