• недела, 22 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

Скопје, 3 мај 2024 (МИА) - Покажуваме на дело како се почитува слободата на медиумите и новинарската мисла. Нов скок на скалата на „Репортери без граници“, остануваме лидери во регионот по слободата на новинарското изразување, напиша министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на социјалните медиуми по повод извештајот на „Репортери без граници“. 

- Наспроти децениската репресија и прогон кон медиумите и новинарите, насилното затворање медиуми и користење на институциите за пресметка со новинарите, ние значително го подобривме медиумскиот амбиент и критичкото новинарство. Не приведуваме новинари за искажан збор, не тужиме редакции за објавени текстови, не затвораме медиуми кои нѐ критикуваат. Прогресот го нотираат меѓународните извештаи. Минатата година имавме скок од 19 места за државата, односно во 2023 година стигнавме до 38. место меѓу 180 земји во светот според глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, напиша Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук.

Во објавата, таа истакнува дека СДСМ во целиот свој мандат поттикнува демократска и слободна атмосфера во општеството, посочувајќи дека се направени законски измени со кои нападот врз новинар се квалификува како напад на службено лице.

Оценува дека актуелните времиња носат и нови предизвици за медиумите и медиумските работници, но дека најважно е постојано да се подобруваат условите за развој на слободното новинарство и за јакнење на неговата улога во општеството. бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан