• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Наша обврска е секое дете да има исти можности

Костадиновска-Стојчевска: Наша обврска е секое дете да има исти можности

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Деца од социјално ранливи семејства денеска, по повод Светскиот ден на детето, беа публика во Театарот за деца и младинци каде што беше изведена претставата „Зрното грашок и принцезата" во режија на Срѓан Јанакијевиќ. 

Заедно со децата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која, како што информира Министерството, порача: „сите деца се подеднакво важни и имаат исти права и наша обврска е да им ги обезбедиме“. 

-Животот не е како во бајките, но никој нема право да им ја одземе фантазијата на децата. Негувањето на односот кон културата е важен пат во градење на нивниот позитивен поглед кон светот, зашто културата и уметноста се убавата страна на животот. Сѐ што правиме, правиме за децата, за нивната насмевка, радост и нивната иднина. Приказните, темите, ликовите, пораките кои се испраќаат преку театарот се неисцрпна инспирација за децата, сцените и репликите остануваат долго во нивната меморија. Создаваме услови еднакви за сите деца и во соработка со Министерството за труд и социјална политика овозможуваме децата од социјално ранливите семејства да го уживаат театарот и културно да напредуваат со своите врсници, рече Костадиновска-Стојчевска.

Децата го посетија и Природонаучниот музеј, најстарата установа каде што се собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на државата. хс/аа/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан