Костадиновска-Стојчевска: Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските
- Македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство.

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) – Македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство.
Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод 26 септември, Европскиот ден на јазиците.
Како што пренесуваат од Минитерството за култура, таа порача дека европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик, како еден од европските.
- Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз. Со македонскиот јазик со Европа ги сооделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети, рече Костадиновска-Стојчевска.
Додава дека на македонски, како еден од европските јазици, се преведени Шекспир, Кафка, Сервантес, Бодлер, Гете и останатите европски класици и современи големци на литературата.
Според министерката, Европскиот ден на јазиците е уште еден поттик да порачаме до сите граѓани да ги учат и почитуваат јазиците за да ги пренесуваат љубовта и разбирањето меѓу народите. ар/цр
Фото:Министерство за култура