• петок, 22 ноември 2024

Корепер го усогласи ставот за новите правила на ЕУ за суспензија на безвизниот режим со трети земји 

Корепер го усогласи ставот за новите правила на ЕУ за суспензија на безвизниот режим со трети земји 

Брисел, 13 март 2024 (МИА) - Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ (Корепер) денеска го усогласи ставот за Предлог-регулатива за измена на механизмот за суспензија на безвизниот режим со трети земји, што треба да и овозможи на Унијата да се справи со ситуации на злоупотреба на можноста за патување во Шенген зоната без визи или ако таквиот режим е во спротивност на интересите на блокот. 

Со измените, ЕУ ќе може да го суспендира безвизниот режим со одредена земја доколку нејзината визна политика не е усогласена на политиката на ЕУ, во случаи на зголемен прилив на нејзини државјани во Унијата или поради хибридни закани и недостатоци во законодавството или процедурите за безбедност на документите. 

Безвизниот режим, исто така, може да биде суспендиран, ако функционира шема за доделување државјанства на инвеститори без вистинска поврзаност со земја, во замена за одредени надоместоци или инвестиции. 

Земјите членки решија како причина за суспендирање на безвизниот режим да го наведат и значителното и нагло влошување на надворешните односи на ЕУ со конкретната држава, особено кога тоа се однесува на непочитување на човековите права и основните слободи. 

И во новото решение како основи за суспензија на визниот режим остануваат значителното зголемување на бројот на државјани на таа земја на кои им е оневозможен влез или е утврдено дека престојуваат во ЕУ подолго од дозволеното, понатаму при значителен пораст на бројот на неосновани барања за азил од нејзини државјани, при нејзина недоволна соработката со Унијата за реадмисија на лицата од кои било побарано да ја напуштат територијата на блокот или поради ризик или непосредна закана за јавната политика или внатрешната безбедност. 

Останува и одредбата, според која, суспензијата е можна доколку повеќе не се исполнети условите за визна либерализација. 

Со усогласениот текст на Корепер како праг за суспензија на безвизниот режим се утврдува стапка од 30 отсто случаи на одбиен влез или надминат рок на престој, како и 20 проценти на одобрени барања за азил.  

Со измените, времетраењето на суспензија на визниот режим се зголемува од сегашните максимални девет на 12 месеци и со можност за нејзино продолжување за уште 24 месеци, наместо досегашните 18 месеци.  

За време на суспензијата, Европската комисија има обврска да започне дијалог со конкретната земја со цел таа да преземе чекори за отстранување на околностите и причините што довеле до суспендирање на безвизниот режим. Доколку за време на суспензијата не се најде решение за надминување на околностите и причините што довеле до неа, ЕУ може да донесе одлука за трајно укинување на безвизниот режим. 

Врз основа на усогласениот текст од страна на Корепер, Советот на ЕУ ќе почне преговори со Европскиот парламент за утврдување на конечната верзија на измените на Регулативата. 

Во моментов ЕУ има безвизен режим со 61 држава. Државјаните од овие земји можат слободно без виза да престојуваат во Шенген зоната до 90 дена, во период од вкупно 180 дена. 

Остани поврзан