• четврток, 21 ноември 2024

Коп на проштална средба кај Коцевски: Честопати беше фрустрирачки да се работи тука

Коп на проштална средба кај Коцевски: Честопати беше фрустрирачки да се работи тука

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Кадровскиот дефицит, недоволниот буџет за работа  на Обвинителството и ефектите од последните измени во Кривичниот законик, беа темите на кои денеска разговараа јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп.

Како што соопшти Јавното обвинителство, Коцевски го прими амбасадорот во проштална посета за да му заблагодари за соработката, посветеноста и за придонесот што тој го даде за време на својот мандат за достигнување на европските стандарди во нашата земја во многу клучни области, особено во правосудството.

-Беше задоволство да живеам во оваа земја додека траеше мојот мандат, но честопати беше фрустрирачки да се работи тука, потенцираше холандскиот амбасадор чиј мандат завршува во август, наведувајќи ја културата на корупција која навлегува во сите пори на општеството и која создава комплетна недоверба во институциите на системот.

Јан Коп и Коцевски разменија мислења и во поглед на плановите за реформи во Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

-За нас е исклучително важна поддршката што ја добиваме од Холандија за јакнење на транспарентноста и отчетноста, но и експертската помош за реформи и за јакнење на капацитетите и на ефикасноста на Јавното обвинителство. Вистинските пријатели не се оние кои ви ласкаат со убави зборови, туку оние кои со отворени критики сакаат да ве поттикнат да напредувате. Токму ваков пријател има Јавното обвинителство и нашата земја во Вас, рече Коцевски.

Тој го запозна холандскиот амбасадор со преземените чекори и активности од почетокот на мандатот како државен јавен обвинител со цел враќање на јавната доверба, но и со проблемите со кои се соочува институцијата. мч/са/

Фото: ЈОРСМ

 

Остани поврзан