• петок, 22 ноември 2024

Концепцијата не е копиран фински модел, туку реформа во контекст на општеството, велат членови од работната група 

Концепцијата не е копиран фински модел, туку реформа во контекст на општеството, велат членови од работната група 
Скопје, 24 декември 2020 (МИА) - Концепцијата не е копиран финскиот модел, како што прозвучи во јавноста, туку се консултирани многу воспитно-образовни модели. Се пристапи врз основа на контекстот на општеството и на интеркултурноста, на потребата од посоцијална кохезија внатре и една од појдовните основи на концепцијата е всушност интеркултурата, истакна проф. Кирил Барбареев, член во работната група што ја подготови нацрт-концепцијата. Во емисијата „Објектив“ на МРТ тој рече дека работната група ги има земено предвид сите прашања кои сега се отвораат во јавноста и дека крајната цел на концепцијата е подобрување на резултатите од учење и подигање на нивото на воспитно-образовниот систем. -Оваа концепција лежи на национални стандарди коишто произлегуваат од препораката на Европската комисија за образование од 2018 година. Според мене, и покрај стотици други документи коишто се анализирани, е клучниот документ на кој колегите од дисциплините ќе тргнат во креирање на наставните програми, бидејќи нашата цел не е да се фокусираме на учебници, лекции, туку да се фокусираме на излезните резултати, да дојдеме до резултати со кои ќе бидеме споредливи, рече Барбареев, проф на Штипскиот универзитет. Според Лулзим Мемеди, професор на Универзитетот во Тетово и исто така член на работната група која ја изготви концепцијата, во гостување во емисијата рече дека меѓу основните причини за пристапување кон изработка на новата концепција се слабите резултати на македонските ученици на меѓународните тестирања досега, препораките на ОЕЦД и други меѓународни организации, но и анкетата спроведена меѓу наставниците во основните училишта кои се изјасниле дека промените во образованието се неопходни заради поквалитетна настава и нивна поголема автономија во реализација на часовите. - Концептот нуди решение според кое учениците ќе почнат да учат со разбирање и логички ќе размислуваат пред да донесат одреден заклучок или да постапат во конкретна ситуација. Односно, ученикот ќе се стави во една нова улога на истражувач, ќе почне да експериментира и сам ќе доаѓа до заклучоци, рече Мемеди. Реакциите на јавноста биле очекувани, според него, затоа што постојат при секоја крупна промена во кој било сегмент. И во образованието, додаде тој, најавените промени иницираат страв од непознато кај одредена група наставници дека ќе ги изгубат работните места. -Тоа е апсолутно неточно, затоа што со концепцијата ќе се намали бројот на предмети, но нема да се намали времето на престој на учениците во училиштата. Така што, не е предвидено намалување на бројот на вработени во училиштата, туку напротив ќе бидат потребни дополнителни ангажирања, истакна Мемеди. Нацрт-верзијата на концепцијата МОН ја промовираше вчера. Согласно со заклучок на Владата, во тек е процес на јавна дебата и консултација со сите засегнати страни, а целта е, како што соопшти МОН, усвојување на најдобрата верзија на концепцијата која ќе одговори на потребите на сите учесници во образованието. хс/скс/

Остани поврзан