• понеделник, 23 декември 2024

Конференција: Потрагата по мирот е најсуштествената задача за еден  дипломат

Конференција: Потрагата по мирот е најсуштествената задача за еден  дипломат
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) – Дипломатијата од Виенскиот конгрес во 1814 година и онаа денес е слична и има за цел да ги презентира и промовира интересите на својата земја, но дипломатот веќе не чука само на вратата на Министерството за надворешни работи, туку од него се бараат широки познавања од различни области, знаење, искуство, добро просудување, но и имагинација и креативност. Ова го истакна шефот на Делегацијата на ЕУ во земјавта амбасадорот Дејвид Гир на конференцијата „Дипломатија – мост помеѓу нациите“ организирана од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ и студентите од Меѓународни и интеркултурни студии по повод Меѓународниот ден на дипломатите – 24 Октомври. Тој го цитираше мотото на познатиот американски дипломат Ричард Холбрук дека креирањето на мир е како џезот - треба да ги слушаш другите инструменти и да импровизираш, а понекогаш, вели, потребна е и дрскост и храброст. -Постојат огромни разлики меѓу дипломатијата некогаш и денес. Дипломатите ја имаат истата мотивација и фасцинација од меѓународните односи, истата посветеност на напорна работа во разбирањето на геополитичките трендови и извлекување на тие клучни трендови од масата информации која ја добиваат секојдневно. Верувам дека дипломатијата игра многу важна улога, и дека може да им служи не само на земјите и организациите кои ги претставува, туку може да биде мост, контакт точка, особено во многу тешки моменти, вели евроамбасадорот Гир нагласувајќи ги спецификите да се биде претставник на организација како Европската унија која брои 27 земји - членки. Според него, ЕУ има важна улога а дел од нејзината мисија е да придонесе за мирот, безбедноста, почитувањето на човековите права и демократијата. Политиката на проширувањето покажува вели колку Унијата може да придонесе за мирот во Европа, а тоа го потврди и добивањето на Нобеловата награда за мир во 2012 година. Што се однесува до Украина, тој подвлече дека ЕУ е многу ангажирана во обезбедување поддршка на повеќе нивоа, на политичко ниво, со воведување санкции кон Русија, со значителна економска поддршка која досега достигна 9 милијарди евра, обезбедува и одредена воена поддршка, како и други видови помош заедно со државите членки на Унијата. - ЕУ ќе продолжи да бара начини за решавање на конфликтот, за повторно воспоставување на меѓународниот поредок и стои зад независноста и суверенитетот на Украина, рече Гир. Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер за односот на дипломатијата и мирот, истакна дека потрагата по мирот е најсуштестевната задача за еден  дипломат, но таа врска може да биде и доста ограничувачка и нејасна, а целата состојба со Украина ја одразува модерната дипломатија - директен ангажман на самиот терен со умешно користење на инструментите со кои располага и потрагата по договорено решение. -Затоа денес вистинската моќ не почива во способноста да се води војна туку да се мобилизираат различни инструменти кои ќе ни овозможат да стигнеме до зададената цел, инструменти од областа на трговската политика, за визниот режим, инструменти за наметнување на санкции и збирот од сето тоа го прави нашето влијание посилно....Никој не може да предвиди до кога ќе трае таа војна, самите инволвирани страни треба да заклучат кога ќе дојде тој момент за мир преку преговори. Киев ќе треба да каже кога ќе дојде тој момент, вели Бомгартнер.

Анке Холштајн од Амбасадата на Федерална Република Германија, вели дека и покрај одредени разочарувања, 200 проценти е уверена дека ЕУ е најдоброто нешто што го измислила Европа, а улогата на дипломатијата, смета дека најдбро се согледува во Берлинскиот процес.

-Типично за Албанија и Северна Македонија е поделеноста на општествата, и меѓу политичките групи, а една од нашите задачи ја гледам во олеснувањето на дијалогот помеѓу спротивставените страни, се разбира, без да се мешаме во внатрешните работи, внатрешната политика. Одличен пример е Берлинскиот процес востановен во 2014 година, кој по првпат ги доведе на иста преговарачка маса Косово и Србија. На престојниот самит на процесот на 3 ноември ќе усвоиме декларација за заеднички регионален пазар и за мобилност што претставува вистински пробив и значи да ги донесеме заедно оние кои си припаѓаат, вели Холштајн која е дипломат од кариера и покрај во Скопје има зад себе и четиригодишен дипломатски мандат во Тирана. вг/дма/

Остани поврзан