• понеделник, 23 декември 2024

Конференција за обновата на Украина: Шолц повикува на дополнително зајакнување на украинската воздушна одбрана

Конференција за обновата на Украина: Шолц повикува на дополнително зајакнување на украинската воздушна одбрана

Берлин, 11 јуни 2024 (МИА) - На меѓународната конференција за обнова на Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц повика на натамошно зајакнување на воздушната одбрана на земјата од руските напади, пренесе ДПА.

Шолц ги повика сојузниците да ја поддржат германската иницијатива за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина „со се што можат“.

-Затоа што најдобрата реконструкција е онаа што воопшто не мора да се случи, рече Шолц на почетокот на конференцијата што се одржува во Берлин, на која присуствува и украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Германскиот канцелар укажа на можноста за далекусежни и долгорочни задолжениај за обновата на оваа земја, која е сериозно разурната од над двегодишната скапа војна и годините на тлеечки внатрешен конфликт пред тоа.

Тој кажа дека за ваквата посветеност ќе се заложи и на претстојниот самит на групата најдемократии Г7, што започнува в четврток во Италија.

Шолц истакна дека Светска банка проценува дека во следната деценија ќе бидат потребни 500 милијарди долари помош за обнова на Украина.

Тој ги покани и приватните компании да учествуваат со инвестиции, велејќи дека „со оглед на размерите за кои овде зборуваме, мора да се додаде приватен капитал“.

Стотици германски компании сè уште активно работат во Украина, а само автомобилските компании во Украина вработуваат околу 35.000 луѓе, нагласи Шолц.

И покрај војната, нема намалување на германските инвестиции во Украина, рече Шолц, а обемот на трговијата значително се зголеми откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

-Сето ова ми покажува дека бизнис секторот е свесен за потенцијалот на Украина, рече Шолц.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан