• четврток, 21 ноември 2024

Конкурс за 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Конкурс за 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Кабинетот на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов информира дека ќе се одржи 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов и дека денеска е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, која оваа година ќе биде на тема „Морално лидерство“.

Оваа година Школата за млади лидери на претседателот Иванов ќе се организира комбинирано, онлајн и со физичко присуство, во периодот 16-30 септември 2022. Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство кои ќе споделат искуства и знаења кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат  аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, како и интерактивно да се вклучат на предавањата кои ќе се одвиваат на македонски и на англиски јазик.

-Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат, соопшти Кабинетот на Иванов.

Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот објавен на веб-страницата и на фејсбук-страницата на Школата за млади лидери на Иванов (https://youngleaders.com.mk/https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб-страницата и фејсбук-страницата на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов се одржува од 2010 година. На досегашните 12 обуки учествувале околу 480 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус.

-Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 240 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели, се наведува во соопштението. хс/дма/

 

 

Остани поврзан