• петок, 22 ноември 2024

Конзилијарно мислење без наведување на интервенцијата што му е потребна на Леонид Индов, според ФЗОРСМ остава простор за шпекулации   

Конзилијарно мислење без наведување на интервенцијата што му е потребна на Леонид Индов, според ФЗОРСМ остава простор за шпекулации   

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) - Првостепената комисија на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) го одбила барањето за лекување на младиот Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според Правилникот на ФЗОРСМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот. 

На брифинг со новинарите поради реакциите во јавноста, директорите на ФЗОРСМ денеска образложија како постапуваат при барања за лекување во странство и како е постапено за овој случај за кој Првостепената комисија ја донела негативната одлука врз основа на конзилијарно мислење од ТОАРИЛУЦ и врз основа на профактурата со понудени услуги од болницата во Австрија што треба да овозможат Индов да се ослободи од респиратор и да му се врати самостојното дишење. 

Спорно е дали се работи за „медицинска рехабилитација“ или за „лекување“ затоа што  конзилијарното мислење од ТОАРИЛУЦ, каде што Индов  бил хоспитализиран еден месец (септември-октомври 2023) не содржи конкретна насока за вид на интервенција што е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку само општи процедури за рехабилитација и тоа што се очекува од нив. 

 Раководството на Фондот се обратило со допис до Клиниката за да појасни каква интервенција му е потребна на момчето, но оттаму повторно не добиле прецизен одговор. 

Видот на третман од центарот во Австрија наведен во профактурата што му е понудена на семејството, пак, како што велат од Фондот, се однесува на здравствени услуги од областа на физикална терапија и медицинска рехабилитација. Првостепената комисија на чело со претседателката д-р Сања Петрова, која била поканета но не беше присутна на брифингот,  го одбила барањето затоа што сметала дека таков третман може да му се обезбеди и во нашата држава, иако не е посочена конкретна клиника или здравствена институција.

На прашањето дали и каде има соодветна установа во нашата земја за да му го овозможи третманот на Леонид, беше одговорено дека тоа треба да го образложат докторите кои ја ценеле неговата состојба. А тоа што во конзилијарното мислење не е наведена потребната интервенција или посочена здравствена установа каде треба да се хоспитализира момчето, според ФЗОРСМ остава широк простор за шпекулации. 

На прашањето дали Правилникот на ФЗОМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство, според кој може да се финансира само болничко лекување, но не  медицинска рехабилитација надвор од земјава, може да се измени заради вакви тешки и ретки случаи, беше одговорено дека потребни се измени на Законот за здравствено осигурување. 

Двајцата директори на ФЗОРСМ на брифингот се согласни да иницираат законски измени, но нагласија дека е потребно нов начин на финансирање на здравствениот систем затоа што Фондот располага со мал буџет за да излезе во пресрет на потребите на граѓаните во чекор со развојот на медицината. Како што беше речено, во деценија кога има бум во иновациите во лекувањето и во фармацијата, веќе 15 години придонесот за здравствено осигурување е 7,4 отсто и е најнизок од околните земји.  Минатата 2023 година ФЗРСМ исплатил 324 милиони денари за 307 лекувања во странство. 

По приемот на решението од Првостепената комисија, семејството на Леонид има право на жалба во рок од 15 дена до Второстепена комисија.  Младиот Леонид Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција. На 6-ти овој месец тој беше транспортиран со хеликоптер во здравствена установа во Австрија, на иницијатива на неговото  семејство. хс/аа/

Фото: МИА архива  

 

 

 

 

Остани поврзан