• среда, 24 јули 2024

Кондовски: Битола ќе ја воздигнеме во модерен град во кој е задоволство да се живее

Кондовски: Битола ќе ја воздигнеме во модерен град во кој е задоволство да се живее
Битола, 15 октомври 2021 (МИА) - Најавувам локално, граѓанско и институционално движење кое Битола ќе ја воздигне во модерен град во кој е задоволство да се живее, истакна кандидатот за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски. Завршувајќи ја изборната кампања Кондовски потсети дека заедно со кандидатите за советници реализирале бројни посети на кои, како што рече, е претставено најдоброто за нашиот град, во кадровска и програмска смисла. -Доста е од зборови, потребна е силна акција и секој од нас вграден во неа. Јас сум подготвен. Ја видовте мојата енергија за работа и јас видов силна граѓанска волја. Ветувам дека заедно ќе ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење. Се обврзувам да создадам ефикасна и плодотворна општина во која граѓанинот е светост, а неговите потреби се решаваат најоптимално, без задоцнување. Ветив 22 големи проекти, ветив и стотици мерки и решенија презентирани во изборната кампања, преку кои ве повикувам: Заедно да создадеме град полн со живот, економски и индустриски развиен, во кој и сегашните и идните генерации гледаат перспектива, истакна Кондовски. Кандидатот за градоначалник од СДСМ повика в недела масовно да се излезе на избори и гласа за бројот 12. -Драги битолчани, ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација. Ве уверувам дека во блиска иднина Битола нема да ја препознаваат само како град на конзулите и клавирите, Широк Сокак и Хераклеја, Браќата Манаки и Кемал Ататурк... Битола ќе ја препознаваат и како Град на иднината, град на достоинствени граѓани и горди битолчани. Градскиот часовник веќе отчукува во новиот ритам на европска Битола, нагласи Кондовски. мт/вг/

Остани поврзан