• петок, 22 ноември 2024

Комуналните претпријатија имаат проблем да се внесат во Централен регистар за да постават фотоволтаици

Комуналните претпријатија имаат проблем да се внесат во Централен регистар за да постават фотоволтаици

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски на денешната прес-конференција информираше дека комуналните претпријатија имаат проблем да се регистрираат во Централен регистар за да можат да постават фотоволтаици, со што ќе ги намалат нивните трошоци. Тој додаде дека се работи на надминување на проблемот, како што било случај со општините.

-Во комуникација сме со јавни комунални претпријатија и од Прилеп, имавме состаноци и со Водовод и канализација од Скопје и други комунални претпријатија коишто се заинтересирани да инвестираат во фотоволтаици со цел да си ги намалат трошоците. Има одредени проблеми при нивното регистрирање во Централен регистар затоа што треба својата дејност која што е водоснабдување во листата на дејности да додадат и производство на електрична енергија и има одредени законски проблеми па се обидуваме сите да го надминеме тој проблем. Кај општините го надминавме. Еве, веќе знаете, има најави од Општина Центар коишто формираа посебен ДООЕЛ којшто ќе се занимава со енергетските активности во општината. Исто така, на добар пат е и Општина Радовиш, така што идејата е секаде каде што можеме во рамките на нашите надлежности да им помогнеме и на општините и на комуналните претпријатија. Штета е тие покриви коишто ги имаат општините, училиштата, основните и средните училишта, градинки итн. да не се искористат и верувам дека после Општина Центар, Општина Радовиш ќе има и многу други општини коишто ќе постават фотоволтаици на нивните покриви со што ќе си ги намалат трошоците за електрична енергија и во основните и во средните училишта, а исто така ќе си ги намалат трошоците и за јавно осветлување, објасни Бислимовски.

На новинарско прашање околу тоа дали лица блиски на функционери во земјава земале лиценци  за фотоволтаици, Бислимовски рече дека според податоците коишто ги поседуваат не гледаат дали фирмата е на некој.

-РКЕ е претрупана со лиценци. Имаме систем на работа. Само за овие први два месеца имаме издадено 88 лиценци и сите овие лиценци коишто ги имаат овие компании коишто ги земаат не добиваат никаква субвенција од државата. Електричната енергија ја продаваат на слободниот пазар на електрична енергија, така што од тој аспект немаме апсолутно никаков конфликт на интереси, рече Бислимовски.

Тој нагласи дека тие продаваат електрична енергија на слободниот пазар на електрична енергија и таму цената ја определува самиот пазар.

-Нашиот пазар е поврзан со најголемата берза во регионот, ја користи како референтна. Тоа е берзата во Унгарија, ХУПЕКС, и сега ако мислите дека имаат влијание во берзата во Унгарија не можам тука да ви помогнам. Јас ви кажувам како функционира пазарот на електрична енергија во државата и исклучително откако започна енергетската криза цената на електрична енергија што ја нудат снабдувачите на потрошувачите ХУПЕКС плус одредена маржа сега таа е лимитирана до 10 проценти, а кога производителите што поставија фотоволтаици цената е ХУПЕКС минус одреден процент, така што никој не може да влијае на берзата во Унгарија, ниту пак на која било друга берза, посочи Бислимовски. см/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан