Компанијата „Амфенол технолоџи Македонија“ од Кочани надмина две илјади вработени
- За само седум години од отворањето, во компанијата „Амфенол технолоџи Македонија“ од Кочани е надмината бројката од две илјади вработени, со што предвреме е исполнет планот за вработување.
Кочани, 10 февруари 2021 (МИА) – За само седум години од отворањето, во компанијата „Амфенол технолоџи Македонија“ од Кочани е надмината бројката од две илјади вработени, со што предвреме е исполнет планот за вработување.
Компанијата, што како „браунфилд“ странска инвестиција во 2014 година почна да работи во зоната Лесна индустрија во Кочани, требаше за десет години да вработи 1.800 работници, но од раководниот тим истакнуваат дека целиот бизнис-план се покажал многу поуспешен од очекувањата.
- Во почетокот никој не очекуваше дека ќе се постигнат вакви резултати и сето тоа изгледаше како сон, но за среќа стана реалност. Само во текот на минатата година година компанијата инвестираше во нова опрема со вредност од околу три милиони евра. За оваа година планираме проширување на производството во уште еден објект што ќе се простира на околу 3.500 квадратни метри, со близу 250 нови вработувања. Документацијата за новата производна хала е во завршна фаза и очекувам до крајот на февруари да почне изградбата што ќе трае до јули, по што објектот веднаш ќе биде ставен во функција, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Поради здравствената криза, во „Амфенол технолоџи Македонија“ веќе не ги испраќаат вработените на обука во странство, туку тоа се прави онлајн, но и овдешниот инженерски кадар е доволно стручен за во Кочани да ги обучува лицата кои ќе бидат одговорни во новиот погон.
Фабриката во Кочани е дел до американската корпорација „Амфенол технолоџи“, која произведува кабли за вградување во автомобилската индустрија, како и екстремно големи антенски структури што телекомуникациските компании ги користат за нивните базни станици за мобилната телефонија. та/бт/